1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Не се заборавени тие што се на европскиот пат!

Силвера Падори-Кленке21 март 2012

Гунтер Крихбаум (ЦДУ-ЦСУ) посакува старт на пристапните преговори на Македонија со ЕУ што побрзо. Германија ги поддржува и не ги заборавила сите што одат по европскиот пат, сигнализира Берлин.

https://p.dw.com/p/14OMU
Фотографија: DW

Евроатлантските интегративни процеси мора да го задржат кредибилитетот. Македонија ја има германската поддршка, но таа инсистира на спроведување на реформите. Што се однесува до спорот со името, очигледно тековната ситуација во Грција не е фактор што го олеснува дијалогот. Но, и покрај справувањето со економската криза и предизборната реторика на јужниот сосед, Македонија останува целосно конструктивна и посветена кон нејзиното НАТО-учество во Авганистан и кон напредокот и скратувањето на времето за преговори со ЕУ, преку водењето на високиот дијалог за пристапните преговори. Ова е резимето од средбите на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во Берлин со дваесетина претставници на високата германска политика.

Mazedonien Deutschland Westerwelle Poposki
Втора средба на шефовите на дипломатиите Попоски и ВестервелеФотографија: MIA

„Ние како Германија ваквиот реформски пат многу го поддржуваме”, потврди и Гунтер Крихбаум, пратеник на ЦДУ - ЦСУ во Бундестагот, кој за Дојче Веле ја коментира и последната визита на посредникот за името Метју Нимиц во Скопје и Атина.

Поддршка за обновениот дијалог

„Мислам дека во основа е добро што дијалогот, кој беше стивнат, повторно зема замав. Добро е што со меѓународно посредство има придвижување нанапред, иако далеку е од тоа дека има некаков резултат. Јас уште еднаш би кажал: лично сакам спорот што поскоро да заврши”, подвлече Гунтер Крихбаум, прв човек на Комисијата за ЕУ во Бундестагот. Тој е категоричен дека за никого не е добро доколку  билатералните прашања се злоупотребуваат за попречување на членството на нови партнери во организации и сојузи, што секако не е во европски дух.

Крихбаум дава и свое толкување на  ставот на еден германски експерт за Балканот, според кого -колку се помали европските интеграциии и економскиот растеж, толку е поголем ризикот за конфликти меѓу македонското и албанското население.

Mazedonien Deutschland Krichbaum Poposki
Поддршката на реформскиот пат на Македонија ја подвлече и Гунтер КрихбаумФотографија: MIA

„Секако дека европската е пред се’ мировна идеја. Низ децениите се гледа дека европската интеграција донесе поголема стабилност на континентот. Интеграцијата носи економски просперитет, пред се’ за новите членки кои добиваат пари од Брисел, секако со поддршка од Германија. Економското јакнење им користи и на етаблираните ЕУ-држави, зашто економија која е просперитена е и интересен трговски партнер. Тоа е ситуација во која обете страни имаат добивка“, дополнува Крихбаум.

Конструктивен пристап на која било грчка влада

„Во случајот со Македонија посакувам да и’ се овозможи не само поскор почеток на пристапните преговори, туку и посилно чекорење нанапред, зашто во одредени сфери е препознатливо забавено темпо на реформите. Сметам дека е разбирливо доколку на луѓето им недостигаат перспективи и им недостигаат цели, во кои веќе и не веруваат. Токму затоа сега е важно силите кои сакаат реформи во Македонија да бидат охрабрени”, смета Гунтер Крихбаум, според кого Германија треба да испрати сигнал на поддршка дека оние кои чекорат кон Европа не се заборавени.

Кревањето на рампата на македонскиот пат кон ЕУ, меѓутоа, е тесно врзано за грчката политика и тоа што ќе донесат престојните избори.

„За нас е значајно да има влада која е посветена да се изнајде решение за тековната блокада, особено по пресудата од Хаг и дефинирање на минатите опструкции како нелегални! Во таа насока, треба да ги насочиме и нашите очекувања - дека е потребен конструктивен пристап од која било влада во Грција. По изборите континуирано ќе дејствуваме и сметаме дека треба да се фокусираме на заедничките интереси, односно интересите кои ќе ги има регионот од аспект на поголема стабилност, сигурност и поголеми потенцијали за просперитет. Доколку идната грчка влада биде фокусирана на овие аспекти, мислам дека ќе има придобивка за сите”, одговори на прашање на ДВ министерот Никола Попоски.