1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин ја обвинува Турција за поддршка на терористи

ЖА/ард/дпа/афп16 август 2016

Германската влада во Турција, според информациите на АРД, гледа „централна акциона платформа“ за исламистички и терористички организации на Блискиот Исток.

https://p.dw.com/p/1Jj9U
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Главното студио на Првиот германски јавен телевизиски канал АРД своите информации ги темели на одговорот на германската влада на прашање упатено од пратеничката група на Левицата, кој носи назнака „доверливо“, а до кој дошла редакцијата на АРД.

„Идеолошки афинитет“

Во владината изјава се вели: Анкара со години соработува со исламистите. Кај конзервативно-исламската владејачка партија АКП и кај претседателот Реџеп Таип Ердоган постои „идеолошки афинитет“ на пример кон Муслиманското братство во Египет. „Како резултат на од 2011 година постепено исламизираната внатрешна и надворешна политика на Анкара, Турција се разви во централна акциона платформа за исламистички групации во регионот на Блискиот и Средниот Исток“, цитира АРД од владиниот одговор.

Во него се укажува на турската поддршка на вооружените исламисти во Сирија и палестинската организација Хамас.

Со ова германската влада првпат официјално упатува на директна врска меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и терористичка организација, зашто Хамас, кој владее во Појасот Газа, од 2003 година во ЕУ е класифициран токму во таа категорија.

Проценки од БНД

Владиниот одговор, наведува АРД, се базира врз проценките на Германската служба за информации, БНД. Германската влада меѓутоа не сака да ја објави јавно својата изјава, поради државни причини, наведува АРД, повикувајќи се на образложението на парламентарниот државен секретар во Министерството за внатрешни работи, Оле Шредер.

Досега германската влада искажуваше само навестувања за блискоста на турската политика кон милитантниот исламизам, се вели во извештајот на АРД. Во подготвувањето на одговорот на прашањето на Левицата, Министерството за внатрешни работи не се консултирало со Министерството за надворешни работи.