1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесконечната борба за еднаквост во САД

Миодраг Шориќ
3 јуни 2020

Бранот протести во американските градови по смртта на Џорџ Флојд не изненадува. Без разлика на тоа што Барак Обама беше претседател во два мандата, САД до ден денес се преоптоварени со расизмот, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/3dAjb
USA | Proteste gegen Polizeigewalt - Tod von George Floyd
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS/Orange County Register/S. Reingewirtz

Бунтот е јазик на оние кои никој не ги слуша. Мартин Лутер Кинг уште пред половина век со својот продорен глас објасни зошто црнците во САД излегуваат на улица. Морничаво е колку малку е променето оттогаш. И натаму илјадници луѓе демонстрираат против расизмот и полициската безобѕирност. И натаму без надеж дека нешто ќе се промени во нивното секојдневие.

Тие и натаму речиси да не учествуваат во американскиот просперитет, помалку заработуваат од белците, речиси и натаму немаат шанса да напредуваат, своите деца мораат да ги праќаат во лоши училишта, имаат покус очекуван животен век и побрзо завршуваат во затвор во кој подолго и остануваат - само затоа што не се бели. И тоа не е онака како што коментаторите пришуваат, дека црнците протестираат во десетици американски градови затоа што чувствуваат оти се граѓани од втор ред. Тие не се чувствуваат, тие се граѓани од втор ред!

Без функционална контрола од локалните власти

На хартија би требало сите да се исти пред законот. Но, во реалноста американските полицајци првенствено ги запираат граѓаните врз основа на нивниот изглед, иако не постои никаков сомнеж. Ако пак при тоа направат брутална грешка, како убиството на Џорџ Флојд, често ги одрекуваат. Се обидуваат да ги прикријат, најчесто во договор со локалното државно обвинителство, што ги прави работите уште полоши.

Повеќе:

-Остри осуди за состојбата во САД од ЕУ и Германија

-Протести во САД: „Америка се распарчува сама себеси“

-Трамп – со библија во раката и со закани со војската против демонстрантите

Во САД недостасува независна, функционална контрола од локалните власти. Во полициските возила најчесто седат оние кои го прекршиле законот, кои глумат дека се негови заштитници. Мартин Лутер Кинг зборуваше за мнозинството Американци кога рече „Оној кој прифаќа зло без да се противи, всушност работи заедно со него“. Но, не треба само да му се спротистави на злото, тоа треба да биде запрено.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ, автор на коментарот

Првиот афроамерикански претседател на САД, Барак Обама, се обиде - на крајот безуспешно. За време на неговиот мандат еден полицаец во Фергусон со 8 куршуми го уби невооружениот Мајкл Браун, што предизвика протести ширум земјата. За време на неговиот мандат и црниот Њујорчанин Ерик Гарнер, додека го давеше полицаец почина со зборовите „Не можам да дишам“. Тоа се истите последни зборови кои пред да почине ги изговори и Џорџ Флојд додека полицаец го притискаше со колено за вратот речиси 9 минути.

Немоќни против секојдневниот расизам

Можеби американските претседатели под своја команда ја имаат најголемата армија во светот, но тие се немоќни против секојдневниот расизам на нивните сонародници. Се разбира, тие треба да ја осудат неправдата и да покажат разбирање за жртвите на полициското самоволие - барем поради тоа да не ги распламтат натамошно гневот и емоциите. Но, претседателот Трамп, како што се очекуваше, и тука потфрли. Тој покажа исто толкуемпатија како метеорит кој удира во цветна ливада. Претседателот предвид го има само неговиот реизбор и верува дека со воен речник може да добива поени  кај белите гласачи. Доволно лошо за САД е тоа што неговите калкулации би можеле и да успеат.

Минеаполис не се смирува

Случајот Џорџ Флојд за жал не е изолиран случај. Има илјадници слични појави. Предрасудите против црнците може да се најдат не само кај полицајците, обвинителите или судиите, туку и меѓу наставниците и работодавачите. Токму тоа е тој секојдневен расизам против кој се насочени протестите. А бидејќи тој е толку чест, тешко може да се искорени. Борците за човековите права со години повикуваат на подобра обука на американските полицајци. Со децении, тие бараат независна контрола на работата на полицијата и на обвинителите и построги закони за оружје. Малку од тоа се случило досега.

 Но, со сето разбирање за протестите: насилството води во ќорсокак. Никој не може да го брани, па дури и да го одобрува. И само ги потврдува предрасудите на многу белци. Па што преостанува? Марин Лутер Кинг се држеше до „безграничната надеж“, која како што велеше, никогаш не треба да се изгуби. Но, се разбира, ова ќе биде само мала утеха за семејството на Џорџ Флојд