1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бескрупулозен спортски маркетинг на „Ред Бул“?

Стефани Хепнер/ Симе Недевски31 мај 2013

Производителот на енергетскиот пијалок „Ред Бул“ изгради имиџ на спонзор на екстремни спортови. Но, оваа стратегија се покажува како меч со две острици. Се' повеќе екстремни спортисти гинат под знакот на „Ред Бул“.

https://p.dw.com/p/18hMB
Фотографија: dapd

Илјада коњски сили, спектакуларни акробатски митинзи: австриската фирма „Ред Бул“ стана синоним за се' што е смело (и опасно) во спортот. Но и смртоносно. Тоа уште еднаш се потврди на еден воздухопловен митинг на почетокот на мај во австрискиот Зилертал. Поранешнот акробатски пилот на „Флаинг Бул“, Гидо Герман се урна со својот мал млазен авион пред очите на илјадници гледачи и притоа го загуби животот.

Смрт со реклама на грбот

Герман со години имаше договор со „Ред Бул“, кој се профилираше како компанија чии конзументи се храбри пилоти и спортисти кои ги преминуваат границите на можното. Но тој имиџ би можел да му нанесе штета на австрискиот производител на слаткиот пијалок. Според информациите на австриските медиуми, Герман не е единствен спортист- каскадер кој го загубил животот рекламирајќи го својот спонзор.

Скијачот Шејн МекКонки, падобранецот Ели Томсон и „бејс џамперот“ Ели Гегеншац, се спортистите кои ги загубијаа животите изведувајќи опасни акробации. И тоа со реклами од своите спонзори на грбот. Смртта на Швајцарецот Гегеншац дури беше и снимена и требаше да послужи како реклама за новиот спонзор на една телекомуникациска компанија. Се се' тоа причини за дебатата која се разгори на социјалните платформи на интернет и во медиумите и која се врти околу прашањето: кој е одговорен за смртта на спортистите.



Темната страна на „Ред Бул“

Со тоа прашање ја започна својата репортажа „Темната страна на 'Ред Бул'“ и новинарот Хелмар Бухел снимена за германската државна ТВ станица АРД. Тој прецизно ја анализира смртта на петмината екстремни спортисти кои имале договор со овој австриски производител на енергетски пијалок. Во фокус на репортажата се наоѓа судбината на канадскиот екстремен скијач Шејн МекКонки кој загина 2009. во италијанските Доломити кога скиите не се откопчале во вистинскиот момент, како што било планирано. Документаристот Бухел тврди дека МекКонки бил под енормен притисок. „За да го задржи спонзорот, МекКонки мислел дека мора да изведе храбри акробации. Така и стигнал до комбинирање на скијање и бејс џампинг што на крајот се заврши трагично“, раскажува Бухел за германскиот неделник „Ди цајт“. Така и се поставува прашањето колкав е уделот на „Ред Бул“ во одговорноста за смртта на спортистот со кој имал договор.

Смрт во адрналинско лудило

Но, би било неискрено со прст да се покажува исклучиво на „Ред Бул“. Речиси сите произведувачи на енергетски пијалоци, во согласност со својот производ, спонзорираат спортисти кои се особено поврзани со „акција на граница на можното“.

Wintersport Freeriding
Фотографија: Getty Images/AFP

Но, постојат и примери каде фирмата, која заработува од продажба на спортска опрема, се решава за поинаков облик на спонзорирање. „Ние не сакаме да имаме работа со екстремни спортисти туку и се обраќаме на публиката која ужива во природа и које е еколошки настроена“, вели Бенедикт Трестер, портпаролот на германската фирма „Фауде“, која произведува планинарска и алпинистичка опрема. Оваа компанија својот имиџ не сака да го врзува за краткотрајни бомбастични акции, туку за долготрајни проекти, како поддршката за еколошко одржување на планинарењето.

На интернет мислењата за вината на спонзорите за трагедиите на спортистите се поделени. „Не смееме до го обинуваме 'Ред Бул'. Зависниците од адреналин доброволно го ризикуваат животот“, пишува во еден коментар на трејлерот за доументираниот филм за МекКонки кој треба да се појави во кината до крајот на годината.

Basejump
Фотографија: MOHD RASFAN/AFP/GettyImages

Границите се' повисоки

„Ред Бул“ одби да даде интервју за ДВ укажувајќи писмено на тоа дека сепак одговорноста е во рацете на секој поединец. „Нам ни е важно медиумската платформа да им биде наменета на оние кои се заслужни поради некоја особена способност. Значи на спортистите, уметниците и сите други креативци со кои сме соработувале во разни области“. Изгледа дека овој концепт се исплатува бидејќи и минатата година продажбата на „Ред Бул“ се зголеми за 12,8 проценти. Притоа треба да се спомене дека оваа австриска фирма повеќе пари вложува во маркетинг отколку во производство.

Кристофер Бројер, економист од угледниот спортски универзитет во Келн, тврди дека „Ред Бул“ го нуди само она што корисниците сакаат да го видат. „Ако на пазарот нема интересирање и потреба за спектакли од овој вид, тогаш ни 'Ред Бул' не би ги нудел“, заклучува Бројер.

Спонзорски врв на егзотични вложувања на „Ред Бул“ беше секако скокот на Феликс Баумгартнер од висина на 39.000 метри. „Оваа мешавина на авантура, екстремност и потреба за игнорирање на границите на можното, е всушност она што е денес вредно во економски смисол“, вели Бројер. Низ годините „Ред Бул“ од мала компанија од сојузната покраина Салцбург се претвори во глобален играч, кој се' повеќе се занимава со спонзорирање. Нејзин најголем успех во спонзорството е ангажманот во Формула 1. Проблемот, како што смета Бројер, е во тоа што за некоја година ниту скокот од стратосферата нема никого да го возбуди. „Во таква атмосфера ни смртните случаи не можат да и' наштетат на спозорската фирма“, заклучува Бројер.