1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесполезен собир во Вилнус

Кристоф Хазелбах/Б. Георгиевски29 ноември 2013

Украинскиот претседател Виктор Јанукович ја одби ЕУ под притисок од Русија. Но, сепак дојде на самитот во Вилнус, подгревајќи ги надежите дека ќе го смени мислењето во последен миг.

https://p.dw.com/p/1AQOr
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најважниот проект на самитот во Вилнус пропадна. ЕУ планираше да потпише договори за асоцијација со Украина на состанокот во главниот град на Литванија. Тоа ќе го отвореше патот кон членството за најважната земја во т.н. Источно партнерство на ЕУ. На неколку дена пред самитот Украина сепак мораше да се повлече од договореното, најверојатно под притисок на Русија.

Виктор Јанукович дојде во Вилнус, а некои учесници се понадеваа дека тоа можеби ќе значи и шанса сепак да го потпише договорот. Иако вратата останува отворено, таков чекор изгледа малку веројатен. На тоа укажа и германската канцеларка Ангела Меркел.

„Не очекувам дека тоа ќе се случи овојпат, но вратите се отворени“, изјави Меркел по доаѓањето во Вилнус на самитот на Европската унија и земјите од источна Европа и јужен Кавказ.

Elmar Brok Europaparlament
Елмар БрокФотографија: AP

Следни чекори

Прашањето сега е - како натаму? Одбивањето делуваше отрезнувачки за европските политичари. Многумина сега се прашуваат какви консеквенци треба ЕУ да извлече од ваквиот развој на настаните. Елмар Брок, пратеник во Европскиот парламент и претседавач со Комитетот за надворешна политика, е загрижен дека ЕУ не се покажала добро. „Мора да се стави јасно до знаење кои се придобивките од членството во ЕУ- не само одржување на демократија и владеењето на правото“.

Партнерството треба да претставува и конкретна економска придобивка. „Доколку тие влезат во економски сојуз со Русија, тогаш ќе го добијат стандардот на живеење на Русија, доколку влезат во сојуз со Европа, тогаш може да го имаат стандардот на живеење во Балтичките земји и Полска“, вели Брок.

Паралелно со загриженоста дека поддршката за Украина не била доволно јасно истакната, паднаа и критики. Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт го отфрла аргументот дека Јанукович немал избор поради руските закани и недоволната европска посветеност. „Источното партнерство не е пазар каде можете да се двоумите меѓу милијарди и да ја одберете најдобрата понуда. Тоа никогаш не беше намерата, и никогаш нема да биде случај“, рече Билт.

Судир со Русија

Во истовреме, ЕУ има проблеми да докаже дека партнерството не е насочено против Русија. „На долг рок, еден од главните профитери од партнерството ќе биде токму Русија, бидејќи Русија е една од земјите на кои им треба модернизација“, смета Билт.

Руската влада на нештата гледа поинаку. Москва верува дека Источното партнерство е обид на ЕУ да ги оттргне поранешните советски републики од нејзината сфера на влијание.

Ukrainischer Präsident Wiktor Janukowytsch
Виктор ЈануковичФотографија: picture alliance / AP Photo

Мала утеха за ЕУ е тоа што Молдавија и Грузија навистина сакаат да и‘ се придружат на ЕУ. Другите земји од Источното партнерство далеку заостануваат. Брисел не успеа да постигне напредок ниту во односите со Азербејџан и Ерменија. Белорусија и онака не е во игра поради авторитарниот режим на Лукашенко.

Затоа договорот со Украина ќе му дадеше голем замав на партнерството. Но, тоа сега изгледа неверојатно дека ќе се случи.