1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон ќе бара компромис кој ќе го претстави како победа

БГ
11 ноември 2019

Експертот за Балканот и соработник на Атлантскиот совет, Димитар Бечев во разговор за ДВ говори за регионалната соработка, проширувањето на ЕУ и иднината на македонско-бугарските односи.

https://p.dw.com/p/3So9S
USA Dimitar Bechev Balkan Experte
Фотографија: Dimitar Bechev Archive

ДВ: Како ја коментирате идејата за мини-балкански Шенген, во која би влегле Србија, Албанија и С. Македонија?
Димитар Бечев: Мислам дека е битно да се развива регионалната соработка, но можеби потесна интеграциjа како што е Шенген во рамките на ЕУ не е изводлива идеja. Може да биде препрека за интеграциjaта во ЕУ коjа сепак останува главниот приоритет за овие земји. Јас би рекол дека е поважно да се работи на продлабочувањето на ЦЕФТА – бидејќи тој трговски договор не работи во полн капацитет.

Сметате ли дека мотивацијата за овој проект е само економска?

Се надевам дека е, но имаме одредени изjaви од страна на францускиот претседател Емануел Макрон и други политичари во ЕУ кои покажуваат дека во Европа бараат алтернативи за Западен Балкан. Тоа значи дека иницијативи кои се од економски карактер можат да се искористат политички.

Доколку е така, каде го води тоа процесот на проширување на ЕУ?

Јас лично мислам дека процесот на прошируванье нема алтернатива. Исто така и дека регионалната соработка односно интеграциjа е дел од тоj процес. Но jасно е дека самиот процес е напорен, има многу проблеми внатре во земjите во Западниот Балкан, а и во ЕУ, и на краjот резултатите - во смисла на реформи и владеење на правото - не се охрабрувачки.

Влегуваат ли С. Македонија и Западниот Балкан во политичко лимбо по неуспехот на ЕУ да одобри почеток на преговори за Скопје и Тирана?

Можеби, иако огромниот дел од државите во ЕУ го поддржуваат почетокот на преговори со Северна Македонија. Франциjа не може еднострано да блокира долго време. Сигурно ќе се наjде компромис - ако не сега, наредната година. Но прашањето е што точно ќе донесат преговорите за обичните граѓани - дали тие ќе бидат катализатор за суштински реформи или пак технократски процес без реални ефекти во секојдневниот живот.

Значи и Вие сте на мислење дека процесот треба да се менува? Што би менувале Вие?

Можеби предлогот на Макрон за нова методологија на преговорите има додатна вредност. Затоа и Европската комисиja во моментов работи на конкретни идеи и предлози во тој правец. Според мене, фокусот на реформите во правосудството и jавната администрациja е клучен.

Очекувате да се најде компромис во текот на следната година. Мислите дека Франција и другите ЕУ-членки ќе успеат во толку краток рок да направат ефективна промена на методологијата на преговарачкиот процес или сето ќе се сведе на козметика?

Мора да се најде. Дури и промените да не се радикални тие сигурно ќе бидат доволно сериозни за да може Макрон да ги претстави во самата Франциja како победа за себе.

Францускиот претседател Макрон во интервју за „Економист“ призна дека мнозинството земји членки биле за тоа да ѝ дадат зелено светло на С. Македонија, но повеќето биле против Албанија. Дали ова значи една нова реалност, во која Скопје практично станува заложник на регионалната геополитика?

Не мислам така. На ЕУ ѝ требаат и успешни приказни. Македонскиот случај по Договорот од Преспа е пример за тоа. За тоа имате поддршка и од земји како Холандија и Данска, кои се инаку скептични во однос на проширувањето.

Неодамна во регионот беше американскиот државен секретар Мајк Помпео, а по него неколку дена во Скопје и заменикот државен секретар Палмер, кој одржа и состанок со сите амбасадори на САД во регионот. Подготвуваат ли САД некоја нова стратегија за регионот и како би изгледала таа нова архитектура?

САД се присутни во регионот доколку НАТО се проширува. Нема некои нови идеи или стратегии. Балканот не е нивен надворешен приоритет веќе со години. Но во исто време администрацијата на Трамп е заинтересирана да се најде решение- какво било - за Косово, кое тие потоа би можеле да го „продадат” како свој сопствен успех.

Со оглед на критиките од САД (Рикер, Палмер) кон ЕУ поради блокирањето на проширувањето, можеме ли да очекуваме Вашингтон да изврши дополнителен притисок врз Брисел за позитивна одлука во наредниот период?

Сигурно ќе има притисок, меѓутоа не е јасно какви адути имаат САД во односите со Макрон и дали се спремни да ги искористат за С. Македонија. Силниот притисок може да биде и контрапродуктивен.

Непосредно пред самитот на ЕУ, Бугарија усвои декларација со која наметна серија нови услови за С. Македонија. Колку овие услови можат да бидат дополнителен товар за односите меѓу двете земји, и дали тие можат да ги вратат тие односи назад - онаму каде што беа пред потпишувањето на Договорот за добрососедство?

Се надевам дека не. Позицијата беше отстапка од страна на премиерот Бојко Борисов за неговите коалициски партнери од крајната десница - кои досега не правеа опструкции - во контекст на локалните избори. Но на самитот Бугарија цврсто ја поддржуваше Северна Македонија. И мислам дека Борисов лично и понатаму ќе ги развива односите со Скопје и ќе ја тера напред соработката - економија, инфраструктура и.т.н.

Димитар Бечев е соработник во Атлантскиот совет и истражувач во Центарот за словенски, евроазиски и источноевропски студии на Универзитетот во Северна Каролина, САД. Директор е на Институтот за европска политика од Софија.