1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

200910 GTZ

22 септември 2010

Приказната звучи неверојатно: трговец со дрва од ДР Конго се поврзал со судиите и го тужи германското Друштво за техничка соработка (ГТЦ), барајќи високо обесштетување со небулозно образложение. ГТЦ одби да го исплати.

https://p.dw.com/p/PJ6P
Германскиот министер за развојна помош Дирк Нибел во Конго (јануари 2010)Фотографија: picture-alliance/ dpa

Табура Кашали е трговец со дрво од конгоанскиот град Гома, во источниот дел на земјата. Пред 16 години требало да испорача дрво по налог на ГТЦ за некаков проект за итна помош.

„Наредниот ден по склучениот договор, ГТЦ отиде со камиони да ги преземе дрвата. Но, нив ги немаше и затоа рекоа дека нема ни да ги платиме. Тој пак рече - јас ги истоварив дрвата овде и беа украдени; вие морате да ми платите, оти јас морам да им платам на лиферантите“, раскажува за случката Салуе Нур, која работела 16 години во Демократска Република Конго, а на крајот била и раководител на бирото на ГТЦ во Киншаса.

Ем пари, ем повторно - тужба

Трговецот тужел се’ до највисокиот суд и таму го загубил спорот. Сепак, добил надомест од владата. Но, иако правно не е дозволено, тој повторно за истата работа тужел кај најниска инстанца. Судиите, веројатно подмитени, донесле решение во негова полза и уште го зголемиле неговото парично побарување.

René Ngongo (Rep. Kongo) – "Alternativer Nobelpreis, Right Livelihood Award, Treffen 2010 Bonn"
Рене Нгонго: Се загрозува не само соработката со Германија, туку и со други земји, кои ова го сметаат за навредаФотографија: DW

„Непријатно изненадување е блокирањето на сметките поради тоа глупаво решение. ГТЦ беше овде присутно дури и за време на војната, кога не остана ниедна друга организација. Кога се заборава тоа, се загрозува не само соработката со Германија, туку и со други земји, кои ова го сметаат за навреда“, вели Рене Нгонго, еколошки активист.

Поведена од случајот со трговецот со дрва, и една невладина организација го тужи ГТЦ по прекинот на соработката и бара обесштетување од речиси еден милион долари. Така, вредноста на спорот достигна еденипол милион, поради што судиите наредиле блокада на сметките на ГТЦ.

Германскиот министер за развојна помош Дирк Нибел се закани со суспензија на претстојните владини преговори за развојна помош на Конго. Во моментов сите напори се насочени кон деблокирање на парите на ГТЦ, а во решението на проблемот, според Нибел, се вклучени седум министри од владата на Конго. Германскиот министер му пишал и на Жозеф Кабила, претседател на таа африканска држава, но уште чека на одговор.

Автор: Адријан Криш / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска