1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизарното сфаќање на Трамп за тоа што е успех

Оливер Залет
24 октомври 2019

Примирјето посредувано од САД меѓу Турците и Курдите треба да продолжи – американскиот претседател Трамп се прогласи за победник во конфликтот кој самиот го создаде, смета Оливер Залет.

https://p.dw.com/p/3RpuP
US-Präsident Donald Trump
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Smialowski

Ситуацијата во Сирија е толку јасна колку што не била ни години по граѓанската војна. Американските сили се повлекоа, наместо нив сега Ердоган и пред се` Путин се главни и ја поделија Сирија меѓу себе. Терористичките милитанти од ИД повторно ќе добијат на сила и се` тоа е по заслуга на  безобѕирната надворешна политика на Трамп  која има само едно за цел: да си ги врати американските војници дома. Па дури и ако тоа значи „по нас потоп”. Еден ден по крајот на примирјето кое САД со големи напори го испреговараа, Доналд Трамп се прогласи за победник и уште еднаш покажа колку бизарно е неговото сфаќање за тоа што значи успех на надворешнополитички план.  Турската офанзива  се случи откако претседателот Трамп по телефонски разговор со Ердоган сосема неочекувано ги повлече своите сили од Сирија. Лавината негодувања и од редовите на неговата партија го присили да преземе мерки, па така потпретседателот Мајк Пенс и секретарот за надворешни работи Мајк Помпео на Ердоган му ја направија отстапката практично сам да ги диктира условите за примирјето.

Надворешнополитичка декларација на банкрот

DW Nachrichten TV Oliver Sallet
Оливер ЗалетФотографија: DW

Јасно е дека надворешнополитички успех изгледа поинаку, за „победа” да не зборуваме. Повлекувањето од Сирија е надворешнополитичка декларација на банкрот од страна на една влада на која на меѓународно ниво до сега малку нешта и` успеаја – од пропаднатите преговори со севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун до трговската војна со Кина, која уште е во тек. Но, едно нешто мора да му се признае на Трамп: сака да си ги исполнува изборните ветувања по секоја цена. Не се држи до конвенции, дури и кога тотално се изместува распределбата на моќта, исчезнува влијанието на САД и Западот или кога на деспоти како Ердоган и Путин им се постила црвениот тепих.

Нека му ја мислат другите

Сето тоа претседателот Трамп не го ни оспорува, затоа што мора да им испорача нешто на гласачите дома каде се` повеќе е под притисок од можен импичмент. На приврзаниците и на медиумите се обидува повлекувањето на САД да им го продаде како голем успех.  ИД е под контрола,  таму и онака веќе нема потреба од САД, според него. Но, токму специјалниот пратеник на американската влада за Сирија, Џејмс Џефри, пред Конгресот призна дека преку 100 членови на ИД, борци и нивните семејства, избегале од курдско заробеништво. Местото на кое сега престојуваат е непознато. Но, тие и онака во најголем дел сакаат да одат во Европа, изјави Трамп неодамна. Нека му ја мислат Европејците.