1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Sozialunternehmen Mohammed Yunus

13 декември 2009

Мохамед Јунус е добитник на Нобеловата награда за мир во 2006 година. Во меѓувреме, неговиот „добротворен бизнис“ се прошири на повеќе полиња. Заедно со големи компании, се обидува да се бори против сиромаштијата.

https://p.dw.com/p/Kyhm
Треба да му се најде нова смисла на бизнисот - Мохамед ЈунусФотографија: AP

Под логото „Грамин“, Мохамед Јунус основа повеќе претпријатија што треба да помогнат во прехраната на децата; превенцијата и лекувањето на болести; или, пак, да го помогнат образованието. Човек само треба одново да размисли за смислата на економијата, вели Мохамед Јунус. Преку бизнисот не се прават само пари, туку можат да се решат и социјални проблеми.

Пример за ова се болниците што ги основаше Јунус, кои се специјализирани за очни болести, бидејќи во Бангладеш е особено голем бројот на лицата што го губат видот. Иако во Бангладеш постои државен здравствен систем, медицинскиот апарат го проневерува поголемиот дел од буџетот, вели Јунус. Здравствена грижа за сиромашните како да не постои. Затоа новите болници „Грамин“ се концентрираат на тоа на секој човек да му обезбедат добро здравствено згрижување.

Соработка со големи компании

Bewohner des Dorfes Bay,Rajastha
Јунус се залага за подобар живот во БангладешФотографија: Christoph Hasselbach

Идејата на Мохамед Јунус да не трча по заработка, туку заедно со други претпријатија да решава социјални проблеми, ги убеди дури и шефовите на големите концерни.

„Почнавме да соработуваме со мултинационални концерни и тоа на многу среќен начин. Мојот предлог, на пример, веднаш беше прифатен од фирмата ’Даноне’. Основавме ’Грамин Даноне’ компанија, што произведува јогурт во Бангладеш. Единствената цел е да се бориме против гладот кај децата во оваа земја.“

Кога во една прилика Мохамед Јунус сосема случајно на аеродромот во Франкфурт се сретна со Јирген Хамбрехт, шефот на германскиот хемиски концерн БАСФ, тој веднаш се согласи да се вклучи во неговите проекти. Сега БАСФ во Бангладеш произведува витамински таблети против анемија, како и заштитни мрежи против комарци, за борба против маларијата.

„Да бидам јасен, и нашиот социјален бизнис мора да биде профитабилен. Меѓутоа, наместо тој да отиде во нашите џебови, ние го вложуваме во нови бизниси. Почнавме во Бангладеш, меѓутоа нема да завршиме тука. Првичниот успех ќе ги овозможи следните успеси. Бангладеш е само почеток“, вели Јунус.

„Патики за еден долар“ од „Адидас“

Schuhe von Adidas-Salomon, Sponsorenrecht für die Olympischen Spiele 2008 in Peking
Наместо за сто, „Адидас“ произведува патики за еден доларФотографија: AP

Многу болести во оваа земја се пренесуваат преку паразити, кои лесно стигнуваат до луѓето, бидејќи најчесто шетаат боси. Затоа Мохамед Јунус преговараше со производителот на спортска опрема „Адидас“, со кој склучи договор за уште еден социјален бизнис.

„Тоа што може да направи некоја фирма за производство на обувки е да помогне во остварувањето на глобалата визија: никој во светот не треба да гази бос. ’Адидас’ се нафати на овој предизвик. Ме прашаа, колку евтини треба да бидат чевлите? Веднаш им реков, можеби под еден долар. Меѓутоа, морате на нив да го ставите вашето лого, за секој да може да види од кого му се ’патиките од еден долар’“.

Кога економијата не би сакала по секоја цена да го зголеми својот профит, туку да придонесе за решавање на социјалните проблеми, тогаш би можеле да ја победиме сиромаштијата, смета Мохамед Јунус. Замисла која многумина се нафатија барем да се обидат да ја остварат.

Автор: Јута Швенгсбиер / Трајче Тосев

Редактор:Жана Ацеска