1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Биланс на првите 100 дена на новата влада

7 ноември 2011

Важноста на пописот е повеќе отколку само една статистичка операција, затоа што влијае директно врз правата на заедниците и ги регулира односите меѓу нив, кажа лидерот на владината ДУИ, Али Ахмети.

https://p.dw.com/p/136KB
Лидерот на помалиот коалиционерн партнер на македонската влада, Али АхметиФотографија: DW

„Секој попис во иднина треба да се реализира само со постигнување етнички и политички консензус, заедно со целосна реформа на Државниот завод за статистика. Важноста на пописот е повеќе отколку само една статистичка операција, затоа што влијае директно врз правата на заедниците и ги регулира односите меѓу нив“ – кажа лидерот на владината Демократска унија за интеграција Али Ахмети на денешната средба со новинарите во Тетово, организирана по повод сумирањето од резултатите на оваа партија во учеството на владината коиалиција во првите 100 дена од преземањето на новиот мандат по победата на годинашниве парламентарни избори, покрај ВМРО-ДПМНЕ. Средбата со новинарите беше одржана во присуство на сите членови на Централното партиско претседателство, пратеници, министри и други државни функционери од редовите на ДУИ.

„При привршувањето на првите 100 дена од заедничкото владеење нашите министри заедно со нивните колеги од коалицискиот партнер во Владата го усвоија буџетот за 2012 година. Тој буџет, исто како и владината програма, ги содржи приоритетните проекти на коалициските партнери, предвидени во нашите предизборни програми, се донесува со консензус на владините партнери. Исто како и секоја друга одлука од посебна важност“ – истакна лидерот на „интегративците“ во своето излагање пред новинарите и неговите сопартијци.

Mala Recica Tetovo
Лидерот на ДУИ Али Ахмети со членови на раководствотоФотографија: DW

„Спорот со името да не ги држи во заложништво евроатлантските интеграциони стремежи“

„Апсолутен приоритет за ДУИ е зачленувањето на Македонија во НАТО. Оваа земја нема друга алтернатива. Поради тоа ги ангажиравме сите наши капацитети за решавање на прашањето со името, кое ги држи во заложништво нашите стремежи кон НАТО. Едновремено, ги повикуваме нашите пријатели во меѓународната заедница да се приклучат кон овие наши напори и да придонесат за час поскорешно затворање на овој спор. Единствената иднина на Република Македонија е скорото зачленување во НАТО и потоа отпочнување преговори за влез во Европската Унија.“

Тој го упати и следниот јавен повик до опозицијата во земјата: „Во овие рамки, ја повикувам опозицијата за соработка и констрктивен приод кон решавање на спорот со Грција и за решавање на прашањето со името. ДУИ е подготвена за соработка, поради тоа што апсолутен програмски приоритет на сите политички партии во земјата е членството на Македонија во НАТО и започнувањето преговори за членство во ЕУ. Овој голем приоритет бара заеднички и конструктивни напори“.

MAzedonien
Средба на Ахмети со новинаритеФотографија: DW/Musliu

„Груевски не е пречка за решавањето на спорот со Грција“

По ова, новинарите, на кои не им беше овозможено да постават прашања, сепак, побараа од Али Ахмети Ахмети да ги појасни своите изјави, дадени пред неколку дена за медиумите на албански јазик, околу две теми кои се покажаа како проблематични во досегашното функционирање на коалицијата со Груевски: откажаниот попис на населението и одолжувањето на решавањето на спорот со Грција околу името на земјата.

Пред овие сумирања на првите 100 владини дена, Ахмети му порача преку албанските медиуми на својот коалиционен партнер дека, како што кажа, „доцнењата во насока на отпочнување на преговорите со Европската Унија и за зачленувањето во НАТО можат да предизвикаат големи незадоволства со меѓуетничка димензија кај Албанците во Македонија, но и кај одделни групи во поширокиот регион.“ Во вска со оваа своја изјава Ахмети денеска не одговори ништо поконкретно, туку само кусо посочи: „Никогаш не сум рекол дека Никола Груевски е пречка за решавањето на спорот за името, напротив, сметам дека тој има силна политичка волја тоа да се надмине.“

Nikola Gruevski mit Ehefrau Wahlen Mazedonien
Премиерот Никола Груевски со сопругата по изборната победаФотографија: dapd

Вклучување на меѓународната заедница?

Што се однесува до пописот, програмата на албански јазик на државната телевизија пред неколку дена пренесе дека лидерот на ДУИ ќе бара да се донесе нов закон околу пописот, за што тој ќе одржи серија консултации прво со претставниците на меѓународната заедница, а дури потоа ќе седне да разговара со Никола Груевски. Ахмети не одговори ништо на новинарските прашања во овој контекст. Тој практично одбегна да каже било што поконкретно и на прашањето зошто тој и неговата партија издвоено и засебно ги сумираат резултатите од своето учество во активностите во Владата во првите три месеци од новиот мандат, а не заедно со Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ. „Ние заеднички работиме и за сите крупни прашања од интерес за државата имаме заеднички ставови“ – лаконски рече претседателот на ДУИ, завршувајќи го кусиот дополнителен брифинг со новинарите.

При напоменувањето на „првите 100 владини дена на ДУИ“ Ахмети прецизираше кои ќе бидат и следните приоритети на неговата партија: „Во следната година приоритетни за ДУИ ќе бидат образованието и албанската култура, како и инфраструктурата во северозападна Македонија. Во овие проекти спаѓаат изградбата на плоштадот ’Скендербег’, реконструкцијата на Албанскиот театар во Скопје, директните странски инвестиции во слободната економска зона во Тетово, изградбата на железничка пруга од Кичево до границата со Албанија, коридорот 8 како и други проекти.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Горан Чутаноски