1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Билт: Компромисот за името е на дофат!

17 ноември 2009

ЕУ гледа многу позитивно на можноста за компромис меѓу Грција и Македонија за спорот за името до следниот состанок на министри за надворешни работи на 7 декември, изјави денеска во Брисел шведскиот министер Карл Билт.

https://p.dw.com/p/KZ8Q
Карл Билт е оптимистФотографија: AP

Билт порача дека е во постојан контакт со премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу и дека според него компромисот е на дофат.

Билт не се сложува со медиумските извештаи во Македонија, кои последниве денови пишуваат дека позициите помеѓу Скопје и Атина никогаш не биле пооддалечени.

Билт ги повика уште еднаш двете страни да го решат прашањето.

“Ова е билатерално прашање, но мислам дека е погрешна оценка на медиумите дека ситуацијата е лоша. Ова треба да се решава билатерално, има медијатор на ОН, треба да биде поддржуван. Разговарав и со Груевски и со Папандреу за важноста на прашањето, мислам дека двајцата знаат колку е ова важно, има волја од двете страни да се напредува, сега има добра прилика и само можам да ги повикам и Атина и Скопје да вложат максимален напор за да ја искористат.“

Шведска прави напори за евроинтеграција на Македонија

Шведското претседателство уште од самиот почеток на својот мандат во ЕУ се обидува да и‘ овозможи на Македонија напредок во европските интеграции. Токму под нивното претседателство, Европската Комисија препорача дека земјата е во состојба да ги започне претпристапните преговори за членство со ЕУ, но за да постигне таа цел неопходен е компромис за спорот за името со јужниот сосед.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Седми декември е денот кога ЕУ би можела да јаа усвои препораката на ЕК и да одреди конкретен датум за почеток на преговорите, доколку дотогаш се порнајде решение за името.

По Шведска, на чело на ЕУ ќе застане Шпанија, која има значително помал интерес за Балканот, сметаат дипломатите.

Според последните медиумски извештаи и владини изјави во Македонија, Грција настапува со максималистички ставови. Никој во Европската Унија засега не ги потврдува овие наводи.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска