1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битката за врвот се` понеизвесна

Дојче Веле, К.Д.23 март 2009

Херта Берлин го задржа водството, но сега само со бод предност пред Баерн Минхен, Волфсбург и Штутгарт. Вердер Бремен и Шалке 04 и натаму со проблеми. Битката на дното станува интересна.

https://p.dw.com/p/HHgu
Од натпреварот Штутгарт-Херта БерлинФотографија: picture-alliance/ dpa

Лидерот на табелата во фудбалската Бундеслигата од последните неколку кола, Херта Берлин, ја задржа лидерската позиција и покрај киксот на гостувањето во Штутгарт, каде од истоимениот домаќин претрпе пораз од 2:0. Тренерот на Берлинчаните, Лусиен Фавре, по натпреварот излезе со реална оценка: „Јасно е дека тие беа многу подобри од нас. Бевме сведоци на издание на два различни тима. Едниот играше добро, а другиот многу лошо. Можам да кажам дека не сум незадоволен што резултатот на крајот беше 2:0“, изјави Фавре.

Bundesliga Bayern München VFL Bochum
Филип Лам од Баерн Минхен се радува на победничкиот гол против БохумФотографија: AP

Грешката на Херта, која остана на 49 освоени бодови, ја искористија останатите кандидати за врвот на табелата. Баерн Минхен, Волфсбург и Хамбургер се приближија само на еден бод до Херта. Актуелниот шампион, Баерн Минхен, со малку среќа го совлада последниот на табелата Карслруе со 1:0. Популарните „Волци“ победија на гостувањето против Арминија во Билефелд со 3:0. Ова е седма победа по ред на избраниците на тренерот Феликс Магат. Хамбургер успеа да го задржи полетот од настапите во Купот на УЕФА и во домашното првенство. Тимот на тренерот Мартин Јол оствари многу важна победа од 2:1 во дербито против Шалке 04. Идентично како и во дуелот против Галатасарај, двоен стрелец за домаќинот беше Пауло Гереро: „ Некои работат за напаѓачите, кои мора да постигнуваат голови. Јас тоа денеска успеав да го направам и тоа за среќа двапати“, изјави Гереро по натпреварот. Од неговата форма е задоволен и голманот Франк Рост: „Посакувам тој да го задржи ваквиот полет. Многу е важно како напаѓач да се задржи што е можно подолго во ваква форма. Тој ги одигра многу добро последните натпревари и се разбира оти се надеваме дека така ќе продолжи и до крајот на сезоната“, изјави Рост.

Шалке и Вердер и натаму со проблеми

Bundesliga Schalke gegen Hamburg
Од натпреварот Шалке 04-ХамбургерФотографија: AP

За разлика од Хамбургер, Шалке повторно разочара. Осмото место на табелата се` повеќе го оддалечува тимот од позицијата која обезбедува излез во Европа. Тренерот Фред Рутен е свесен дека тимот е соочен со проблеми: „Беше воочливо дека играчите денеска не одиграа со голема самодоверба. Тоа беше очигледно од првата до последната минута од натпреварот“, изјави Рутен. Чекорот кон врвот на табелата полека го губи и Хофенхајм. Есенскиот шампион, кој ги изненади сите во Германија, одигра само 2:2 во дуелот против Хановер и со 44 бодови сега е на петтата позиција на табелата. Штутгарт, со победата против Херта се проби на шестата позиција со 42 бода.Седми е Баер Леверкузен, кој и натаму има проблеми во борбата за место кое води во Купот на УЕФА. „Фармацевтите“ одиграа само 1:1 во дуелот против Ајнтрахт Франкфурт. Борусија Дортмунд конечно го скрши малерот и ја оствари првата победа во пролетниот дел на сезоната. Минималниот триумф против Вердер Бремен од 1:0 сепак беше доволен Борусија Дортмунд да ја задржи деветата позиција на табелата со 37 бодови. Вердер, по поразот, падна на десетата позиција со 32 бода. Идентичен бодовен скор, но послаба гол-разлика има тимот на Келн, кој со победата против Енерги во Котбус од 2:0 се чини го реши прашањето за опстанок во лигата. Четвртиот пораз во низа за Енерги Котбус значи и пад на претпоследната позиција на табелата. Во опасната зона е Борусија Менхенгладбах, која во дербито на дното загуби на домашен терен од Бохум со 2:0 и падна на 16-та позиција. Трите бода на Бохум му донесоа скок на засега сигурното 14-то место со 25 бодови.

Подготовки за квалификациите за СП

Bundesliga Schalke gegen Hamburg
Селекторот на репрезентацијата Јоаким Лев и менаџерот Оливер БирхофФотографија: AP

Наредниот викенд во Бундеслигата е пауза поради настапот на германската репрезентација во квалификациите за Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година. Германците во сабота во Лајпциг се домаќини на Лихтенштајн. На први април избраниците на селекторот Јоаким Лев му гостуваат на Велс во Кардиф. Германија, со десет освоени бодови, е прва во четвртата квалификациска група, пред Русија и Велс, кои имаат по шест бодови. Македонија го игра првиот квалификациски натпревар во 2009 против Холандија, на први април во Амстердам. Избраниците на селекторот Среќко Катанец се на четвртата позиција во деветтата група со три бода од исто толку настапи.