1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Битка за судството

23 декември 2017

Што има заедничко подјармувањето на судството во Полска и Романија со реформите во Македонија? Постои шанса една мала земја да го ослободи судството, без оглед дали за тоа има вистинска волја кај политичките елити.

https://p.dw.com/p/2ppmv
Mazedonien Justiz Amtsgericht
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Професорот Љубомир Фрчкоски многу добро знае дека нема ниту една земја во светот каде политиката не сака на некој начин да ги контролира работите во судството. И дека сето она што се случуваше и што допрва ќе се случува со реформите во судството на одреден начин е предвидливо, без оглед што политичарите се во состојба и да се колнат дека нивна единствена цел е независноста на луѓето во тогите. Фрчкоски и неговите колеги во Советот за реформи на судството исто така многу добро знаат дека нивниот најголем сојузник во ова време е јавноста. И неколкуте интервјуа со прецизно погоден тајминг лесно ја погодија целта, а политичарите ги оставија на бришан простор и без зборови, подготвени да се откажат од тајната моќ. Се разбира, само привремено.

Кога првите десетина минути во вестите на телевизиите, првите страници во весниците се посветени на настаните поврзани со криминалот во политиката и кога дебатните емисии поврзани за судството имаат најголема гледаност, а учеството на адвокати и обвинители во нив за последниве две години е поголемо од она во претходните 25 години заедно; кога отворањето на специјализирани портали за настаните во судството стана речиси работа на престиж во новинарското милје и кога јавноста бара само вистински резултати од реформите, а не бирократски магли – тогаш е јасно зошто политичарите во овој момент ја загубија оваа битка со членовите на Советот.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Заштита на елитите

Доколку бидат поумешни, реформаторите од Советот би можеле да извојуваат неколку битки повеќе за вистински да го постават судството на нозе. Настаните што се случуваат во Полска и Романија и реакцијата на Европската Унија се извонредна можност за тоа и со стратегија на трискок Брисел конечно да го омекне пристапот и да го отвори патот за преговори. Она што со години се повторува – дека владеењето на правото е клучот за приближувањето кон ЕУ, а кон кое многу луѓе овде се однесуваа како кон изветвена приказна, на најбрутален начин сега се појавува и во Скопје и во Варшава. Овде се судските процеси за поранешната владејачка елита, а во Варшава на дело е подјармување на судовите за да се заштити сегашната елита.

Што би можеле нашите реформатори во Советот и политичарите од „некои чудни центри на моќ“ да научат од полскиот случај и тоа да го искористат во полза на Македонија? Европската комисија ја покрена познатата „нуклеарна опција“, повикување на членот 7 од основачкиот договор, за да ја натера Полска да размисли на каков начин го прави ремонтот на судството. „Судските реформи во Полска значат дека судството во земјата сега е под политичка контрола на владејачкото мнозинство. Во отсуство на судска независност извираат сериозни прашања за ефективна примена на европските закони. Ние го правиме ова за Полска, за полските граѓани“, изјави првиот потпретседател на Европската Комисија Франс Тимерманс, најавувајќи го отпочнувањето на процесот за одземање на гласачките права на Полска. Оставени се три месеци Варшава да ги смени контроверзните закони.

Polen -  Reaktion des Präsidenten Andrzej Duda auf die Verfahrensankündigung der Europäischen Kommision
Анджеј Дуда реагираше експресноФотографија: Reuters/K. Pempel

Полскиот претседател, Анджеј Дуда, реагираше промптно на оваа одлука во Брисел – по неколку часа ги потпиша контроверзните закони и тие стапија во сила. „Тврдењето дека ова е злоупотреба на демократските стандарди е неосновано. Токму спротивното. Ова што се случува е продлабочување на демократијата“, изјави Дуда во телевизиското обраќање. Дали е продлабочување на демократијата кога со законот за Врховниот суд предвреме се пензионираат половина од неговите 80 активни судии или со друг закон на долниот дом на парламентот му се дава голема контрола при селектирањето и процесот при изборот на судиите на сите нивоа? Според новиот закон Врховниот суд ќе може да прави прегледи на правосилните судски одлуки на пониските судови донесени во последните 20 години. Венецијанската комисија предупреди дека законската норма со која на парламентот му се дава право да ги одбира замените на сегашните членови на Националниот судски совет кој ги именува судиите „ќе води кон голема политизација на ова тело“.

„Ја жалам мојата земја“, изјави претседателката на Врховниот суд Малгоржата Герсдорф, остар критичар на постапките  на владата. А министерот за правда, Збигњев Зиобро, истиот ден по одлуката на Европската комисија испрати факсови со кои смени повеќе високо рангирани судии.

Романската закана

Прашање е дали има политички елити, особено во посткомунистичките земји, кои не би сакале да го следат полскиот пример. Или романскиот, кој е дури и подрастичен. Специјалната обвинителка Катица Јанева, би можела да ѝ се јави на нејзината славна романска колешка, Лаура Ковеши, за да ја праша што се случува во нејзината земја и какви пречки се поставуваат на нејзината работа. Владата на социјалдемократите и либералите, и покрај сите протести, донесе пакет од три закони со кои се ограничува независноста на судиите и се формира специјално тело за истрага на криминалите што ги направиле судиите. Во еден од законите во дефиницијата за работата на обвинителот со амандман е исфрлен зборот „независен“. Во февруари владата се обиде преку закон да го исфрли некои од кривичните дела за политичарите, како што е злоупотреба на функцијата, но по големите улични протести, се повлече во последен момент.

Претседателот Клаус Јоханис, кој е дел од опозицијата, предупреди дека постојат „сериозни ризици“ Европската комисија да ја примени истата постапка кон Романија како и спрема Полска. „Ако некои замислуваат дека нема да има последици тогаш тие се од Месечината“, изјави Јоханис. Нам познатата Моника Макове, сега европратеничка, на својот блог напиша дека ова што се прави во судството „нема ништо со владеењето на правото и демократијата“.

Навистина, тоа нема ништо со владеењето на правото, но има со процесите што се водат против политичките елити. Трн во окото на елитата е Лаура Ковеши, која е на чело на Националниот директорат за антикорупција, ДНА. Од 2006 година дури 72 пратеници биле на судски процеси за корупција. Против сегашните спикери на долниот дом и на сенатот се водат одвоени судски процеси. Со законските измени се отвора патот кон постепено затворање на ДНА. „Тие не сакаат да ни дозволат да ја истражуваме корупцијата“, вели Ковеши, затоа што со законските измени драматично им се намалуваат алатките кои им се на располагање на истражителите, како куќни и телекомуникациски претреси или снимање на телефонските разговори.

Rumänien Bukarest - Laura Codruta Kövesi Leiterin der Antikorruptionseinheit der rumänischen Staatsanwaltschaft
Лаура Ковеши е на чело на романскиот Национален директорат за антикорупцијаФотографија: DW/F. Hofmann

Претседателот на владејачката Социјалдемократска партија, Ливиу Драгнеа, е регуларен клиент на романските обвинители. Тој е обвинет за изборна измама во 2016 година, за злоупотреба на функцијата, па сепак е спикер на долниот дом. Истрага против него отвори и антикорупцискиот оддел на ЕУ, ОЛАФ, за проневера на 24 милиони евра европски фондови. И бидејќи Романија е владеена од елити кои работат во корист само на самите себеси, тие сакаат да го стават под јарем судството. И особено директоратот на Ковеши.

Според истиот принцип по кој се поткопуваше работата на овдешното Специјално јавно обвинителство, така и романските политичари ја поткопуваат работата на Ковеши, обвинувајќи дека, всушност, ДНА е легло на корупција. Па дури и дека некои од осомничените биле гонети поради тоа што имале еврејски корени. Гледаме што се случува овде – работата на СЈО се поткопува со тврдењата дека тоа истражува наводни криминали само меѓу функционерите на една партија, која, сосем случајно, била целосен господар на државата 11 години. Плус се изрекуваат закани дека сите судии и обвинители што се вклучени во процесите против поранешните функционери еден ден, кога поранешните елити ќе се врателе на власт, ќе одговарале за своите „злодела“.

Во овие судски неволји на ЕУ со земјите на Вишеградската четворка плус Романија, Македонија има голема шанса да ги искористи настаните во сопствена полза и да испорача реформи што се во голема мерка според европските стандарди и најпосле да се претстави како „доброто момче“ од посткомунистичкиот свет. Политичарите тоа сами нема никогаш да го направат, без оглед на полните усти демократија. Тие секогаш имаат на ум да остават подотворена врата кон некое одајче на неказнивост. Советот за реформи ја има зад себе јавноста, која сега е неверојатно сензибилизирана, и треба уште повеќе да притисне за усвојување на демократските европски норми. Ова е навистина единствен момент, доколку сега се пропушти можноста таа може неповратно да се загуби. На штета на сите, освен на политичките елити.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар