1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блага критика на Советот за безбедност

14 август 2009

Процесот на воената хунта во Мјанмар против лидерот на опозицијата во таа земја, Аунг Сан Су Ќи, според меѓународните набљудувачи беше фарса. Но, Советот за безбедност на ОН воздржано го критикува режимот.

https://p.dw.com/p/J9QH
Аунг Сан Су ЌиФотографија: picture alliance/dpa

На притисок на Кина и Русија, Советот за безбедност во декларацијата само умерено ја критикуваше оспоруваната пресуда против лидерот на опозицијата во Мјанмар, Аунг Сан Су Ќи. Највисокото тело на ОН, вчеравечер се откажа од формална осуда на воениот режим во Мјанмар поради постапките против носителката на Нобеловата награда за мир. Изненадува и тоа што декларацијата не содржи ниту јасно барање за нејзино ослободување, како и да и’ се дозволи да учествува на претстојните избори во земјата.

Наместо тоа, 15-те членови на Советот изразија „сериозна загриженост“ поради продолжувањето на домашниот притвор на Су Ќи.

Истовремено Советот за безбедност се заложи за натамошни чекори за да напредне процесот на национално помирување во Мјанмар. Советот побара и ослободување на сите политички затвореници, без да ја именува Аунг Сан Су Ќи.

Прво беше планирана поостра декларација

САД првично поднесоа нацрт текст за декларацијата, кој предвидуваше значително поостра критика, но уште во вторникот предлог текстот наиде на несогласувања кај некои земји, пред се’ кај Русија и Кина. И покрај благата форма, декларацијата е израз на загриженост на Советот, рече актуелниот претседател Џон Соерс од Велика Британија. Според него, земјите членки имаат различни сфаќања за ситуацијата во Мјанмар. Острата осуда на ситуацијата од страна на Западот не ја споделуваат сите земји, истакна Соерс.

Proteste Aung San Suu Kyi Freilassung
Фотографија: AP

Судот во Мјанмар на почетокот на неделава ја осуди Аунг Сан Су Ќи на нови 18 месеци домашен притвор. Лидерот на опозицијата веќе 14 години се наоѓа во домашен притвор. Хунтата ја обвинува дека ги прекршила правилата за домашен притвор, затоа што во нејзиниот стан влегол државјанин на САД. Су Ќи првично беше осудена на три години принудна работа, но на наредба на шефот на воената хунта, генералот Тан Шве, казната беше намалена и Су Ќи може да ја издржува во домашен притвор.

Автор: АТ/ГЧ/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска