1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блокадата на Македонија го води Макрон во судир со Меркел

БГ
15 октомври 2019

Германските весници вечерва излегоа со речиси идентични наслови во извештаите од состанокот на министрите на ЕУ во Луксембург. Агенцијата Ројтерс прогнозира судир меѓу Макрон и Меркел поради преговорите со Македонија

https://p.dw.com/p/3RLxn
Frankreich Paris | Emmanuel Macron
Фотографија: picture-alliance/dpa/MAXPPP/T. Padilla

Печатот во Германија во вечерните онлајн изданија речиси едногласно ја лоцира вината за неуспехот да се исполни ветувањето кон Северна Македонија и Албанија во Франција. Водечките Франкфуртер алгемајне цајтунг (Париз го блокира проширувањето на ЕУ) и Зидојче цајтунг (Кочничарски маневар на Париз) пишуваат дека непопустливоста на официјален Париз довела до блокада на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ.

„Франција продолжува да и се спротивставува на намерата на мнозинството ЕУ партнери за отворање на преговори за пристапување кон ЕУ со Северна Македонија. Француската министерка за европски прашања Амели де Моншалан остана изолирана на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург“, пишува ФАЦ.

Зидојче цајтунг пренесува оти сега се очекува „темата за проширувањето да биде отворена од канцеларката Ангела Меркел на француско-германската меѓувладина конференција во Тулуз во среда, како и на самитот на ЕУ лидерите во Брисел в четврток.“

„Таму многумина ќе можат да го критикуваат ставот на Макрон и од него да побараат да даде зелено светло“, пишува Зидојче цајтунг. Онлајн изданието на магазинот Шпигел оди и чекор понатаму и прогнозира „скандал“ на самитот на ЕУ на кој, францускиот претседател Макрон може да остане целосно изолиран. 
„Се акумулира експлозив“, предупредува за Шпигел високо рангиран дипломат. 

Агенцијата Ројтерс во информацијата од Луксембург заклучува дека „Макрон е на пат да влезе во судир со Меркел, откако Париз остана изолиран во одбивањето да дозволи почеток на пристапни преговори со Северна Македонија“.

Франција ја игнорираше широката поддршка меѓу членките на ЕУ да се даде зелено светло за земјите сместени во стратешки регион на прагот на Унијата, наведува Ројтерс.
„Со оглед на големата загриженост околу досието на Албанија за борба против корупцијата и широко споделената желба да се награди Северна Македонија за решавањето на спорот за името со Грција, на состанокот во Луксембург во еден момент беше предложено да се даде зелено светло само за Скопје. Франција го блокираше и тој обид“, тврди агенцијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема