1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Блокупирање“ на Европската централна банка

Конор Дилон / Елизабета М. Фиданоска1 јуни 2013

Блокирање на работата на Европската централна банка - тоа е целта на илјадници демонстранти во Франкфурт. Тие се дојдени поради различни причини, но резултатот е заеднички - „Блокјупај“ е вистинска европска средба.

https://p.dw.com/p/18iE0
Фотографија: Reuters

Еланора е од Италија. Со својата група активисти „Глобал проџект“ таа во Франкфурт допатува од Неапол, од југот на Италија. Пред Европската централна банка во Франкфурт демонстрира против политиката на ЕУ за штедење. „Ние на југот на Италија сме посиромашни од Грција“, вели Еланора. „Затоа страдаме многу од мерките на штедење.“

Демонстранти има и од другите земји од југот на Европа. Тие протестираат против европската економска политика, за која сметаат дека ја влошува социјалната клима во нивните татковини.

Онаму каде што се парите

За 42-годишната учителка Никол, кој во моментов живее во Белгија, патувањето во Франкфурт, кој важи за главен банкарски центар во Германија, е знак на солидарност со пријателите и семејството во Шпанија. „Педесет проценти од младите во Шпанија се без работа“, вели таа за ДВ. „Луѓето јадат отпад.“ Никол веќе протестирала и ја блокирала и работата на Европската комисија во Брисел. Франкфурт, вели таа, е важно место: „Во Брисел се политичарите, но овде се парите!“

Blockupy Frankfurt Protest Demonstration
Фотографија: Reuters

Гркинката Антониа од Солун сега живее во Холандија. „Многу мои пријатели сметаат дека единствен излез е да се бара работа во странство“, вели 25-годишната Антониа за ДВ. „Други се одлучија да продолжат со студии. Многумина се на докторски студии.“ Тие немаат пари да допатуваат во Фрнакфурт. Затоа за Антониа е важно да биде тука и да протестира и во нивно име.

Блокјупај, не Окјупај

„Блокјупај“ не е единствено движење, туку е збир на европски групи кои се поврзани меѓусебно од пред една година. „Уникатното кај ’Блокјупај’ е што тоа не е организирано одозгора, туку сите можни групи со најразлични теми кои имаат врска со еврокризата може да дојдат во Франкфурт и да протестираат“, објаснува Ави Диселман од „Блокјупај“.

Blockupy Frankfurt Protest Demonstration
Фотографија: Reuters

Отворената форма на организирање на „Блокјупај“, исто како и во случајот на „Окјупај“, е предмет на критика и се вели дека она што недостига е единствена порака и конкретни политички предлози. Насекаде има антикапиталистички пароли, но укинување на еврото и враќање на националните валути ретко кој бара во Франкфурт. Не секогаш е јасно за какви реформи се борат демонстрантите.

Ани Диселман на работите гледа поинаку. Таа вели дека како дел од движењето „Интервенционистичка левица“ не може да зборува во името на сите струи во движењето „Блокјупај“, но заедничка тема има: „Ние прашуваме - како да се организира и практицира политичката власт за навистина да го заслужи името ’демократска’“, нагласува таа.

Протести шрум Европа

Со повеќе од 30 дискусии, воркшопови и концерти, демонстрациите на „Блокјупај“ се средба на активисти од цела Европа. Авут од холандските „Интернационални социјалисти“ оценува: „Важно е да имаме мрежа и да ја зајакнеме нашата комуникација. Кризата е европска, значи треба и да се организираме на европско ниво.“

Blockupy Frankfurt Protest Demonstration
Фотографија: Conor Dillon

За Никол од Белгија средбата на „Блокјупај“ е и знак на солидарност. „Кога ќе се прошета низ шаторите ќе се видат многу Германци, но и луѓе од Италија, Белгија или Франција, од секаде.“ Денеска (01.06.2013) освен во Франкфурт се одржуваат демонстрации и во десетици други европски градови. „Нашите португалски и шпански пријатели рекоа дека немаат пари за патување до Франкфурт, но ќе протестираат во нивните градови.“