1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богатите побрзо стануваат државјани на ЕУ

Ј. Манке, К. Игнаци/ С. Недевски16 ноември 2013

Островската држава Малта во иднина има намера да им доделува државјанства на добростоечки странци од држави кои не се членки на ЕУ. Но и во други ЕУ-земји богатството носи јасни предности за добивање пасош.

https://p.dw.com/p/1AIMl
Фотографија: Katarzyna Domagala-Pereira

Парите можеби навистина те прават посреќен. На пример, ако со нив може да се купи државјанство на една земја-членка на ЕУ. Европскиот пасош е посакуван од сите кои доаѓаат од кризни региони, живеат и работат во некоја земја од ЕУ или едноставно сакаат поопшуштено да патуваат. Многу визни ограничувања со тоа се отстранети. Со пасошот исто така е и значително поедноставно да се развиваат бизниси во Европа

Малта е најновиот пример на држава, која на луѓето надвор од ЕУ им нуди државјанство за пари. Пасошот на Малта би требало да чини 650 илјади евра. Премиерот Жозеп Мускат на ваков начин сака да ги зголеми приходите на земјата и на островот да привлече богати луѓе. Се смета на 200 до 300 барања за државјанство годишно. Во првата година, процени Мускат, владата со продажба на околу 45 државјанства ќе заработи околу 30 милиони евра. Опозицијата критикуваше дека барателите на државјанство, имено руски олигарси, ниту живеат на островот ниту мораат да инвестираат пари во малата држава.

Права, но и обврски

„Етички тоа го сметам за проблематично“, вели Мендерес Кандан. Научникот се занимава со миграциската политика и докторира на универзитетот Минстер. „Додека на една страна богатите луѓе можат едноставно да си купат државјанство, на Малта има голем број бегалци кои залудно се обидуваат да влезат во земјата и на кои им оди многу лошо“. Исто така, има доволно луѓе кои живеат и работат во некоја земја-членка на ЕУ и кои чекаат на државјанство, вели пратеникот на германската Партија на зелените во Европскиот парламент, Јан Филип Албрехт: „Доделувањето државјанство треба да биде еднакво за сите“, вели тој во разговор за Дојче Веле.

Malta Gerettete Bootsflüchtlinge 12.10.2013
Бројните бегалци на Малта не можат ни да помислат на стекнување престој во земјатаФотографија: Reuters

Со платеното државјанство, покрај тоа, се оштетуваат и жителите на Малта, смета политикологот Кандан: „ Со државјанството доаѓаат како права така и обврски, како на пример даночната обврска. Не ми се верува дека таа важи за странците кои дале пари за пасошот“.

Државјанство на инвеститори

Уште во април 2013 година претседателот на Кипар Никос Анастасијадес најави дека во иднина има намера да им доделува државјанства на неговата земја на инвеститори. За да се добие пасош во Кипар би морало да се инвестираат три милиони евра. На тој начин Анастасијадес се обиде да ги успокои руските бизнисмени за време на нивниот годишен економски форум во Лимасол. Претседателот изјави дека е свесен за загубите кои настанале со програмата на ЕУ за економски спас на Кипар. И досега додуша веќе можеше да се купи пасош на Кипар. Заинтересираните за тоа мораа да вложат најмалку 15 милиони долари во рок од пет години.

Jan Philipp Albrecht Europaabgeordneter der Grünen
Пратеникот на германската Партија на зелените во Европскиот парламент, Јан Филип АлбрехтФотографија: picture-alliance/dpa

Одредбите од ваков вид за политичарот Албрехт се несоодветни. Тој посакува заедничка политика на доселување во сите земји од ЕУ: „ Сметам дека тоа во основа е сомнително, а особено кога држави од ЕУ произволно доделуваат државјанства“

Различни правила

Во суштина земјите од ЕУ водат многу различна политика на доселување. И во Ирска до 2001 година, преку инвестиции во земјата, можеше слично лесно да се стекне државјанство. Во меѓувреме 500 илјади евра, вложени во проект од јавно значење во областа на обрзазованието, здравството, уметноста и спортот, гарантираат само дозвола за престој. Во Португалија доселувањето е врзано за купување на недвижност, а слично треба да биде во иднина и во Шпанија: се планира долна граница од 160 илјади евра, која на купувачот на недвижност би му донесла дозвола за престој во земјата. Во Унгарија купувањето на државни обврзници го отвора патот до нова татковина. Заинтересираните, покрај од Русија, доаѓаат од Кина и од Индија.

Меѓутоа, европска земја со која познатата консултантска фирма „Хенли и партнерс“ прави најголема реклама кај богатите муштерии, е Австрија. На владата таму и‘ е дозволено да додели државјанство „на странци за веќе остварени и очекувани исклучителни остварувања од посебен интерес за Републиката“ . Според медиумски извештаи, во минатото на ваков начин австриски пасош добиле, на приме,р еден саудиски инвеститор во хотелиерство и руската оперска пејачка Ана Нетребко.

„Купениот пасош“- исклучок

И Дитрих Тренхард ја смета „продажбата“ на државјанства за проблетична. „Но таа не ја загрозува Европската Унија“, смета овој експерт за доселеничка политика на универзитетот во Минстер. Само мал број луѓе, вели тој за ДВ, стекнуваат државјанство на ваков начин. Во 2012 година во Австрија, според официјалните статистички податоци, ниту едно лице не добило државјанство како противуслуга за инвестиции. Во претходната година полза од ваквата одредба имале само 23 лица.

Reisepass / Österreich / Pass
Австриски пасош- за „заслужните“ брзо, за обичните многу бавноФотографија: picture-alliance/dpa

Наспроти тоа, за оние кои не одат по вообичаениот пат за добивање државјанство, Австрија е земја со највисоки пречки, додава Тренхард. Таму таксите се многу високи, времето на чекање е долго. Ако се погледне доселеничката политика на земјите од ЕУ, мора севкупно да се констатира дека фактички сите земји им го олеснуваат патот на богатите луѓе. Тоа е случај и во Германија, зашто многу целно се бараат добро образовани заинтересирани лица: „И ако истовремено се спречува, сиромашните луѓе, кои така да се каже, се економски бескорисни, од трети земји да дојдат во Германија, тогаш тоа има сличен карактер како работата на Кипар“.

Толку бргу доселеничката политика во ЕУ меѓутоа нема да се промени. „За доделувањето на државјанства во моментов не се дебатира опсежно, туку многу воздржано“, објаснува европратеникот Албрехт, додавајќи: „Сметам дека тоа е погрешно“.