1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бомбардирањето на Србија - нова страница во историјата на Бундесверот

24 март 2009

Пред 10 години НАТО почна со бомбардирање на Србија. Во нападите учествуваа и германски авиони. Првите борбени акции на армијата по Втората светска војна предизвикаа силни внатрешно-политички турбуленции Германија.

https://p.dw.com/p/HI0q
Бундесверот учествуваше со борбени авиониФотографија: AP/PIZ Luftwaffe

„Ноќта спроти четврток НАТО започна со напади од воздух против воени цели во Југославија. Алијансата беше принудена на овој чекор, за да запрат уште потешки и систематски кршења на човековите права во Косово и да спречи хуманитарна катастрофа таму“, извести во Бундестагот Герхард Шредер, тогашен германски канцелар. Во операцијата на НАТО, „Здружена сила“, учествува и Бундесверот со борбени авиони. „Сите ние знаеме дека е ова првпат по Втората светска војна германски војници да се наоѓаат во борбена задача. Ве уверувам дека на сојузната влада не и’ беше лесно да го донесе решението. Но, ние знаеме дека имаме согласност и подршка од големото мнозинство на германското население и - за среќа - и од големо натпартиско мнозинство во Германскиот Бундестаг“, нагласи Шредер.

На тој ден му претходеа турбулетни месеци. Кризата на Косово се заоструваше. Во Германија завршуваше ерата на Хелмут Кол како канцелар. Новата црвено-зелена влада на Шредер уште не беше стапена на должност, а претстоеја тешки надворешно-политички решенија. НАТО изгради кулиси од закани против тогашна Југославија и најави напади од воздух доколку во Косово не престанат убивањата и протерувањата. „Пред неколку минути Советот на НАТО даде наредба за регионално ограничени воздушни напади, кои треба да уследат најрано за 96 часа“, објави есента 1998 година Хавиер Солана, тогаш генерален секретар на Алијансата.

Бундесверот доби „виза“ за борбени акции и без мандат на ОН

Schadenersatzklage gescheitert Foto von einem NATO-Angriff 1999 in Serbien
Мост во Варварин, уништен од бомбардирањетоФотографија: picture-alliance

И од Германија се бараше да даде придонес. Новиот Бундестаг уште не беше конституиран, па стариот состав, на вонредна седница во Бон, со големо мнозинство реши дека Бундесверот смее да учествува во нападите, ако треба и без мандат од ОН. Но, во Рамбује, во Франција, уште се водеа преговори за можно решение. Социјалдемократскиот министер за одбрана, Рудолф Шарпинг, во новата влада велеше: „Сакаме да сториме се’ што е во наша можност, за на Балканот да нема нови ридови од трупови и нови реки од бегалци во Европа“.

Кога преговорите доживеаја неуспех, НАТО почна да бомбардира цели во Белград и други српски градови. За извидување и за борба против југословенските позиции за противвоздушна одбрана беа ангажирани и четиринаесет германски „торнада“. Германските војници учествуваа во борбени дејствија и без мандат од ОН. Црвено-зелената влада, за првпат како средство на политиката, употреби вооружена сила - надвор од територијата на Германија.

Зелените беа пред раскол

Тоа доведе до внатрешно-политичка напнатост, пред се’ кај Зелените. Во Билефелд, во мај 1999 година, се одржа најбурниот вонреден конгрес на партијата. Демонстранти пред халата ги навредуваа врвните политичари нарекувајќи ги „убијци“. Многумина од Зелените потекнуваа од мировното движење и жестоко отфрлаа примена на воена сила. Парламентарката Ангелика Беер го бранеше партискиот врв: „Вие што сега скандирате ’подбуцнувачи на војна‘, сакате ли да го тргнете погледот од она што се случува? Како сакате да го оправдате тоа? Кажете конечно нешто за тоа. Ова е толку кукавички“.

Bildergalerie Joschka Fischer Bild 5: Farbbeutel trifft Fischer
Јошка Фишер беше погоден со кеса со бојаФотографија: dpa

Во центар на критиката е министерот за надворешни работи, Јошка Фишер, погоден со кеса со боја в уво. Возбуден, тој ги отфрли барањата на противниците на војната. „Сметам дека еднострано и неограничено запирање на бомбардирањето во овој момент е целосно погрешен сигнал. Милошевиќ со тоа би бил засилен, а не заслабнат. Да биде јасно, јас нема да го спроведам тоа, ако вие решите така“.

На крајот мнозинството од делегатите го поддржа раководството и гласаше за ограничен прекин на огнот. Фишер доби одврзани раце да се залага за решение преку преговори.

Владата се смени, германските војници до денес останаа во Косово

Deutsche Soldaten der Nato Schutztruppe in der bosnisch serbischen Stadt Celebici SFOR
2.500 германски војници се` уште стационирани на КосовоФотографија: AP

Во јуни 1999 година Милошевиќ попушти, ги повлече трупите од Косово и го ослободи патот за стационирање на Кфор - мировните трупи на НАТО. Оттогаш германската безбедносна политика само во исклучителни случаи дозволува примена на воена сила, надвор од сопствената територија, за потоа колку што е можно побргу да се премине на одржување на мирот. „Тоа е предуслов, врз стабилна внатрешна ситуација да може да се подобри или повторно да се изгради политичка администрација и да се подобрат економските рамковни услови“, објаснува генерал Клаус Рајнхарт, своевремено командант на Кфор.

Но, тоа трае многу подолго отколку што на времето сметаше црвено-зелената влада. Таа одамна веќе не е на власт, но се’ уште 2.500 германски војници сестационирани на Косово.


Автор: Нина Веркхојзер / Обработка: Зоран Јордановски

Редактура: Трајче Тосев