1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бон трча за Македонија

14 октомври 2011

Голема хуманитарна трка во Бон се случува денеска (14.10). Средствата собрани на неа се наменети за Македонија. Ја организираат невладини организации, а покровител годинава е и градоначалникот на Бон, Јирген Нимпч.

https://p.dw.com/p/12rRl
Ќе се трча во паркот Хофгартен, пред Универзитетот во БонФотографија: Fotolia/Heinz Waldukat

Вообичаено на трката учествуваат голем број училишта. Овојпат ќе трчаат 1.426 ученици и ученички од 16 училишта од Бон и околината. Со донирањето средства се поддржуваат проектите на форумот „Граѓанска мировна служба“ во конфликтни региони и се финансира работата на едукацијата за мир во Бон.

Оваа година, како и некои претходни, со собраните средства ќе се поддржи работата на овој форум во Македонија. Таму ќе се овозможат средби меѓу деца и младинци од различни ентитети и ќе се обучуваат медијатори во училиштата во Скопје, Струга и Кичево, кои ќе треба да ја превенираат ескалацијата на конфликтите меѓу двете групи - македонската и албанската.

Altes Rathaus in Bonn - OB Jürgen Nimptsch
Покровител на трката во Бон е градоначалникот, Јирген НимпчФотографија: picture-alliance/dpa

„Со мировната трка сакаме во училиштата во Германија да ги научиме како се прави мир. Учениците, исто така, собираат средства и за проекти во странство, на пример за младинските центри во Струга и Кичево. Во овие два града тие се отворени за албанските и македонските младинци“, вели за Дојче Веле координаторот на трката, Кристоф Бонгард и додава:

„Ние како форум, ’Граѓанска мировна служба’, работиме самостојно во Македонија - во Скопје, Струга и Кичево. Таму правиме обуки за решавање на спорови и за медијатори во училиштата и ги подржуваме младинските центри. Тоа е работата што ќе се поддржи со донираните средства “.

Минатите години собрани по 27.000 евра

Во двете трки во денот најпрво трчаат учениците од основните училишта, а потоа оние од средните и одат до донаторите за на тој начин да соберат средства.

Münsterplatz in Bonn
Не е првпат во Бон да се собираат хуманитарни средства за Македонија

„Учениците кои ќе трчаат претходно им имаат побарано и им имаат кажано на своите родители и роднини да им дадат педесет центи или едно евро на тие што ќе трчаат во паркот Хофгартен, пред универзитетот во Бон. За време на трката се пресметува и парите се собираат по трката. Последните години на тој начин се добиваа како донација по 27.000 евра“, вели Бонгард.

Трката во Бон се одржува осма година по ред. Таа се организира и во други градови во Германија, но и во Македонија.

„Оваа мировна трка ја има веќе 10 години и тоа не само во Германија. Ја има, на пример во Ахен, Берлин или Хамбург, но и во Македонија, во Скопје ја организираме од пред пет години. Исто така, и во Босна и Херцеговина има една мировна трка организирана од нас“, вели Бонгард.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска