1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба за похуман пристап кон зависниците од дрога

24 јули 2009

Иницијативата за оспоруваниот закон во Германија за контролирано издавање синтетички хероин на тешки зависници дојде од Јирген Хајмхен, татко на зависник од хероин, кој си го одзеде животот на 22 години.

https://p.dw.com/p/Iwlg
Јирген Хајмхен на штанд при одбележувањето на Националниот ден на тага по жртвите на дрогатаФотографија: akzeptierende.eltern

Во 1992 година тешка семејна трагедија во градот Вупертал му даде силен поттик на таткото Јирген Хајмхен да се бори за промена во ставот на општеството и државата кон зависниците од тешки дроги. Наспроти големите обврски и силниот општествен ангажман, тој радо и’ излезе пресрет на нашата молба да ни ја раскаже приказната.

„Во 1990, кога се вратив од едно патување, сопругата ми соопшти дека нашиот син станал зависник од хероин. Бевме тотално шокирани и не знаевме што да сториме. Веднаш се приклучивме кон една група за самопомош, каде можевме да разменуваме искуства со родители и други блиски на зависници од хероин“ - појаснува сега 66-годишниот, Јирген Хајмхен. Сите настојувања меѓутоа биле попусто: „Тоа не ни помогна, нашиот син доби терапија, но не почна да ја применува. Во 1992 година тој се обеси во полициска станица, беше 10 дена во кома и со 22 години почина!“

Spritze im Fuß
Со поголем општествен ангажман до прифаќање на тешките зависнициФотографија: AP

На таткото Јирген не му беше прв пат да добие повик од полицијата и да треба да оди да го спасува синот од притвор. Но, на 21 јули 1992 тој стигна предоцна. Синот Торстен, кој бил уапсен затоа што украл видео рекордер во обидот да добие пари за нова доза хероин, не го издржал притисокот на зависноста и се обесил во ќелијата. Доколку тогаш имаше некој лекар, кој би му препишал хероин, мојот син ќе беше жив денеска, порачува Јирген Хајмхен.

Силен општествен ангажман

Болката од загубата на синот, тој ја претворил во силна мотивација за општествен ангажман за помош на другите зависници и нивните најблиски. Во 1993 го создал сојузното здружение на родители и роднини на тешки зависници, кое од 1998 секоја година на 21 јули го одбележува националниот ден на жртвите на дрогата. Годинава во акцијата се вклучија повеќе од 40 германски градови.

Редовните акции и ангажманот во јавноста вродија плод. Новиот закон Јирген Хајмхен го оценува на следниот начин: „Мислам дека тоа е најважната политичка одлука nа полето на зависностите во последниве 20 години. Но, сосема задоволни не можеме да бидеме, бидејќи сметаме дека лекарот и пациентот треба да можат сами да одлучуваат дали зависникот треба да добие синтетички хероин или не. Но, она што е сега најбитно, тоа е усвоениот закон да почне да се применува на целата територија на Германија“ - нагласува Хајмхен.

Долг пат до општа примена

Според него, не се доволни сегашните седум пилот-проекти во големи градови како Келн, Хамбург или Минхен, туку терапијата со диаморфин треба да биде достапна, под предвидените строги услови, и во помалите места во внатрешноста, кои се исто така погодени од овој проблем. Запрашан за тоа каде ги гледа најголемите проблеми и отпори во јавноста и политиката во однос на брзото ширење на оваа терапија, Јирген Хајмхен посочува:

Heroinambulanz in Bonn
Се’ за инекција хероин во амбулантата за тешки зависници во БонФотографија: dpa

„Сметам дека главниот проблем лежи во т.н. догма за апстиненцијата од дрога, која е се’ уште широко застапена кај повеќето луѓе. Тие сметаат дека зависниците едноставно треба да претстанат да земаат дрога и крај! Меѓутоа таа замисла припаѓа во кантата за отпад на историјата, бидејќи нашето практично искуство докажува дека таа не соодветствува со реалноста. Не се сите зависници во состојба туку така да се откажат од дрогата. Напротив, околу една третина остануваат до крајот на животот зависни и морат да живеат со метадон или со синтетички хероин.“

Според податоците, со кои располага Јирген Хајмхен, во Германија има околу 120.000 зависници од хероин, а од нив преку 40.000 не се вклучени во никаков вид терапија, иако таа им е итно неопходна. На многумина од нив би можело да им се помогне да се вратат барем до некаде во нормалниот живот, порачува иницијаторот на најновиот закон за снабдување на долготрајните зависници со синтетичка дрога.

Автор: Горан Чутаноски