1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба за преживување на Филипините

Свен Пеле/ Симе Недевски14 ноември 2013

Состојбата на во регионите погодени од тајфунот Хаијан на Филипините и натаму е драматична.Снабдувањето со помош се одвива бавно. Германија вети итна помош од 1,5 милиони евра, но ќе минат денови пред таа да пристигне.

https://p.dw.com/p/1AHKf
Фотографија: Getty Images

Цели региони се опустошени. Недостасува пред сѐ храна, чиста вода и лекови. Неколку дена по налетот на тајфунот Хаијан на Филипините, пристигнуваат и првите испораки на помош од Германија. Повеќе гермнски хуманитарни организации најавија поддршка за жртвите и испратија свои соработници во погодените региони за да направат проценка на ситуацијата на теренот. Денеска (14.11) во Филипините треба да пристигне натамошна помош од Германија. Вчера од Берлин полета авион со 70 тони помош од Германскиот Црвен Крст (ДРК) и Организацијата за техничка помош (ТХВ), која меѓу другото се состои од шатори, алати за поправка на инфраструктурата, лабораторија за анализа на водата и две пречистителни станици за вода за пиење.

Philippinen Hilfe aus Deutschland DRK Mitarbeiter in Berlin
Фотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

За итната помош решава Министерството за надворешни работи

Овој авион со помош е финансиран од средства на Министерството за надворешни работи на Германија. Тоа е одговорно за хуманитарната помош на германската влада во странство. Досега оттаму за жртвите од тајфунот се ставени на располагање 1,5 милиони евра, кои германските хуманитарни организации треба да ги употребат за доброто на настраданите.
Но додека првите пари да протечат, минува определено време, бидејќи за да добијат поддршка од германската влада хуманитарните организации мораат најнапред да изработат нацрт-проект за помош и да ја достават до Работниот штаб за хуманитарна помош во Министерството за надворешни работи. Во нацрт-проектот треба да биде изложено како треба да изгледаат планираните мерки за помош.

При евентуален позитивен одговор од министерството, хуманитарните организации можат да поднесат барање во кое мораат меѓу другото да претстават концепт, целите и детален план за финансирање. За ова барање министерството потоа одново одлучува. Со ретки исклучоци, по овој чекор германската влада почнува да им доделува пари на хуманитарните организации.

„Парите доаѓаат релативно бргу, начесто во рок од една недела по конкретното ветување“, вели координаторот за помош при катастрофи во хуманитарната организација Каритас Интернационал, Гернот Ритхалер, додавајќи дека тоа е веќе воиграна остапка.

Меѓутоа, додека да се подготви нацрт-проектот, по природни катастрофи во нормални услови изминуваат неколку денови, зашто хуманитарните работници претходно мора да стекнат увид во состојбата на теренот. И со оглед дека по доставувањето на барањето, одобрението од министерството и конкретната исплата на пари ќе изминат уште денови, хуманитарните организации по правило имаат т.н фондови за итна помош, кои се собрани преку донации и од кои при ненадејни кризи можат да се финансираат итните мерки за помош.

Philippinen deutsche Hilfslieferungen
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Кога не би имале сопствени средства за итна помош, во првите денови не би можеле да сториме ништо“, вели Ритхалер. „Овие средства ни помагаат на лице место да стекнеме детален увид во состојбата, што пак, од друга страна, е предуслов за поднесување на солидно барање за средства од Министерството за надворешни работи.

Во меѓувреме, властите на Филипини официјално говорат за преку 2300 загинати во катастрофата. ОН проценуваат дека од последиците од тајфунот се погодени преку 11 милиони луѓе. Затоа претставниците на германските хуманитарни организации очекуваат сојузната влада значително да ја зголеми итната помош за жртвите од тајфунот.