1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон: Кога фигурата за потсмев стана премиер

Роберт Маџ
24 јули 2019

Да, Борис Џонсон е новиот лидер на Ториевците и со тоа ќе биде и нов премиер на Велика Британија. Роб Маџ се прашува: Како можеше се’ да отиде толку накриво?

https://p.dw.com/p/3MdXz
Boris Johnson Konservative Partei joggt durch Feld
Фотографија: Getty Images/L. Neal

Во 1999 година Борис Џонсон на својот шеф Конрад Блек, сопственик на „Дејли Телеграф“ и на магазинот „Спектатор“, му рече дека се откажува од кариерата на политичар и дека наместо тоа сака да го преземе кормилото на политичкиот неделник.

Барем да направеше така. Наместо тоа, тој, како и честопати досега, го прекрши своето ветување и во 2001 година стана кандидат на конзервативците во изборната единица Хенли во Оксфорд и - победи. Така почна Борисовата одисеја на уништување, која го катапултираше на прагот на Даунинг стрит број 10.

Списокот на лаги од кои се крева косата на главата и катастрофалните вести кои му го поплочија патот е толку долг, што ја надминува секоја претстава. Само за потсетување: тоа е човекот кој мораше да се извинува за еден воведен текст како шеф на „Спектатор“, во кој погрешно беа обвинети пијани фанови на Ливерпул за трагедијата во Хилсборо во 1989 година, во која загинаа 96 лица.

Што ме интересира што сум рекол вчера!

Во 2003 година Мајкл Хауард, тогашен партиски лидер на конзервативците, од причини само нему познати, му даде на Борис Џонсон дури две позиции во својата влада во сенка - заменик партиски шеф и министер за култура. Една година подоцна беше отпуштен поради тоа што се покажаа точни обвинувањата дека имал афера со колумнистка во весникот. Претходно сето тоа го нарече „матно ср..е“.

За жените кои носат бурка Џонсон рече дека изгледаат како „поштенски сандачиња“ или „ограбувачи на банки“, а на народот му ветуваше дека жените на гласачите на Ториевците ќе добијат поголеми гради и дека многу им се зголемуваат шансите да поседуваат БМВ М3.

Неговите приврзаници „пукаат“ од смеење поради ваквите изјави и само им се зајакнува уверувањето дека тој е чиста спротивност на здодевните колеги и ривали во Вестминстер.

Сериозно?

Во 2001 година тој се’ уште велеше дека Обединетото Кралство треба да остане во ЕУ, зашто таа на „Британците им донесла предност во слободната трговија и слобода на движење и работа, па излегување до Унијата би можело да доведе до загрижувачка загуба на влијание“. Да, и јас сега си ги тријам очите со неверување. Но, следува уште нешто подобро. Во 2003 година во британскиот парламент рече: „Јас сум прилично голем фан на Европската унија. Да ја немавме, ќе моравме да измислиме нешто слично.“ Што точно мисли под „измислиме“ и не сакам да знам, но тогаш барем можел да ги препознае предностите на членството во ЕУ.

Но, тоа очигледно не го мислел сериозно. Во 2018 година сметаше дека останувањето во заедничкиот пазар е „лудо“. Во 2016 година беше „за“, во 2012 година рече дека сака да остане во ЕУ, а за време на референдумот неговата кампања за излегување од ЕУ тврдеше дека „Велика Британија и по гласањето за излегување од ЕУ, ќе има пристап до заедничкиот пазар“.

Апропо кампањата за излегување од ЕУ - се сеќавате ли се’ уште како на почетокот на турнејата со автобус ги раскажуваше своите стари приказни дека ЕУ определува колку криви смеат да бидат бананите? Глупост! И дека Велика Британија неделно на ЕУ и’ префрла 390 милиони евра, наместо со тие пари да го финансира подобро националниот здравствен систем? Повторно лага, зашто нето-плаќањето за ЕУ изнесува само една третина од таа сума.

Robert Mudge - Kommentatorenbild (PROVISORISCH)
Роб МаџФотографија: DW/R. Mudge

Лизгав бизнис

Да се стои пред двокатен црвен автобус и да се жонглира со погрешни бројки е една работа. Но, да се мавта со чадена харинга на бина, тоа е веќе ново ниво на стендап комедија. Тоа не е проблем за Борис. Тој на последниот настап во предизборната кампања за лидерската позиција кај Ториевците мавташе со чадена харинга од чадилница за риба на Островот Ман.

Џонсон тврдеше дека ЕУ-правилата налагаат чадената риба во ланецот на достава да бидат ладени со пакети со мраз, што ги зголемува трошоците. Тоа не е точно.

Во правилата на ЕУ станува збор само за свежа риба. Властите задолжени за контрола на исправност на храната во Обединетото Кралство, пак, од претпријатијата за храна бараат транспорт на нивните продукти на начин кој ќе ги одржи во состојба за конзумирање. Тоа би можело да значи и примораност за користење на кеси со мраз. Спомнав ли дека Островот Ман воопшто не е дел од ЕУ?

Ако на момент се сврти вниманието од лагите од кои се крева косата на глава, она што навистина би требало да ни предизвикува загриженост е неговиот до перфекција дотеран настап како кловн, како Хансвурст (личност за потсмев, н.з.), кој предизвикува одушевеност „долж и попреку“. Јас имам наколнетост кон британска ексцентричност, но овој човек со својата кловновска тура се катапултира во позицијата на премиер.

Кон бездната

Бевме сведоци на неговото време како министер за надворешни работи, кое потсетуваше на серија сообраќајни несреќи. Сега претставете си како ќе постапува во актуелниот конфликт на Велика Британија со Иран поради заробените танкери. Ми се крева косата на глава.

Би можел да продолжам, но не без опасност да полудам. Велика Британија е толку длабоко заглибена во кал, што не може да излезе ниту со вртење на десет педали. Последните три години оставија длабоки јазови, не само во Конзервативната партија, туку во целиот политички систем и во општеството како целина. Штети се направени и дома и на меѓународниот паркет. Со Борис Џонсон како премиер сега се заканува паѓање во бездна.

Новинарот на ДВ, Роб Маџ, е роден во Велика Британија и многу години живее во Германија. Тој од почетокот ја следи дебатата за Брегзит со голема загриженост.