1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борусија и Бајерн го делат врвот

БГ/дв30 септември 2013

Фаворитите стигнаа до трите бода во викенд мечевите од седмото коло на германската Бундеслига. На врвот се издвоија три тима, на дното- Брауншвајг.

https://p.dw.com/p/19qeg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Двата неделни меча донесоа одличен фудбал во Бремен, каде Вердер и Нирнберг ремизираа играјќи 3:3, додека Брауншвајг доживеа катастрофа пред своите навивачи во поразот од 0:4 од Штутгарт.

Вердер успеа да се стабилизира на средината на табелата по топло-ладниот старт на сезоната во кој тимот од Бремен или тесно победуваше или катастрофално губеше. Важен бод и за Нирнберг кому ова му беше петтиот нерешен меч во седмото коло.

Штутгарт со убедливата победа над Брауншвајг се искачи на шестото место на табелата и по слабиот старт на сезоната, сега со повеќе оптимизам може да гледа на продолжението на првенството. За Брауншвајг ова беше шести пораз на седмиот меч и тимот веќе делува како Гројтер Фирт ланската сезона- многу ентузијазам, малку квалитет.

Во саботата, фаворитите, со исклучок на Шалке, ги озбедија бодовите. Бајерн одигра слаба партија против Волфсбург, но голот на Милер беше доволен за трите бода. Во Леверкузен, Бајер беше сигурен против Хановер и победи со 2:0, додека Борусија Дортмунд немаше милост против Фрајбург, и со пет гола во мрежата го испрати гостинскиот тим. Бајерн и Борусија имаат по 19 бода на врвот на табелата, зад нив е Леверкузен со бод помалку.

За изненадување на колото може да се смета киксот на Шалке на гостувањето кај Хофенхајм, не толку поради конечниот исход (3:3) колку поради фактот што тимот од Гелзенкирхен имаше убедливо водство од 3:1, кое не успеа да го задржи.

Хамбург стигна до првиот бод под водство на новиот тренер Берт Фан Марвајк, и тоа на гостувањето кај Франкфурт. По голема борба и двата тима можеа да бидат задоволни со конечните 2:2.

Во Берлин, Херта се врати на победничките патеки по убедливите 3:1 во дуелот против Мајнц. За тимот на Николче Новески ова беше четврти пораз едноподруго, по трите победи на отворањето на првенството.

Во петочниот дуел, Аугсбург и Борусија Менхенгладбах одиграа уште едно реми со многу голови (2:2), што пак станува тренд во годинешните мечеви од Бундеслигата. Досегашните седум кола се меѓу најефикасните во историјата на лигата.