1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борусија и Бајерн осамени на врвот

27 февруари 2012

По одиграното 23. коло во германската Бундеслига викендов, двата главни претенденти за титулата останаа осамени на врвот. Дортмунд и Бајерн ќе водат неизвесна битка за титулата до крајот

https://p.dw.com/p/14Aga
Фудбалерите на Борусија ДортмундФотографија: dapd

Бајерн Минхен се избори за позицијата главен конкурент на Борусија Дортмунд во борбата за титулата по неделната победа над Шалке од 2:0. Огромниот притисок врз играчите по поразот во Лигата на Шампионите од швајцарскиот Базел, резултираше со жестока офанзива на баварските ѕвезди која Шалке немаше сили да ја сопре. Јунак на мечот беше Франк Рибери со два постигнати гола.

Актуелниот првак Борусија пред своите навивачи го совлада Хановер со 3:1 и ја задржа предноста на врвот од четири бода. Левандовски на двапати и Перишиќ се погрижија Борусија да остане непоразена и во 17. меч едноподруго.

Менхенгладбах и Вердер разочараа

Борусија Менхенгладбах одигра една од полошите партии сезонава во ремито 1:1 на домашен терен против Хамбургер. Ханке го доведе својот тим во водство, а Арслан израмни за гостите од Хамбург. Менхенгладбах го задржа третото место на табелата со пет бода заостанување зад Дортмунд.

Franck Ribery Jubel Bayern Schalke
Франк РибериФотографија: dapd

Вердер во Бремен доживеја непријатно изненадување во дуелот против кандидатот за испаѓање Нирнберг. Играчите на Вердер прокоцкаа голем број шанси за гол и на крајот останаа со празни раце откако Есвајн го постигна единствениот погодок на мечот.

Келн го доживеја шестиот пораз на последните седум меча, овојпат пред домашните навивачи во рајнското дерби против Леверкузен. Бајер беше надмоќен и победи со 2:0, а ѕвездата на Келн, Лукас Подолски по мечот застана во одбрана на тренерот Стале Солбакен.

„Тој беше доведен за да изгради нешто ново, и треба да се остави да го стори тоа“, рече Подолски. Бајер со трите бода се искачи на петтото место, додека Келн и дефинитивно падна меѓу тимовите кои се борат за опстанок.

Камбекот на Рехагел- дебакл

Не мина добро тренерскиот камбек на славниот Ото Рехагел на клупата на берлинска Херта. Аугсбург славеше пред своите навивачи со 3:0 и за првпат сезонава не е директно во зоната за испаѓање. За Херта ова беше шести пораз едноподруго во лигата.

Fußball Bundesliga 23. Spieltag FC Augsburg - Hertha BSC SGL-Arena Augsburg
Ото РехагелФотографија: picture-alliance/dpa

Маркус Бабел, пак, ја забележа првата победа во третиот меч на клупата на Хофенхајм. Повторно му се посреќи на гостувањето кај Волфсбург каде славеше и есеноска, но со тимот на Херта. Со победата од 2:1 Хофенхајм се искачи на 9. место на табелата, додека Волфсбург е на 13-то.

Штутгарт забележа чиста победа над Фрајбург од 4:1 и се зацврсти на средината на табелата, иако со последните резултати беше загрозена позицијата на тренерот Бруно Лабадиа. Фрајбург го презеде „фенерот“ на табелата и ќе води тешка битка за опстанок. Друштво на дното му прави тимот на Кајзерслаутерн кој забележа тежок пораз, 13-ти по ред, од 4:0 на гостувањето кај Мајнц. Според формата во последните мечеви, Мајнц, за кого не настапи македонскиот репрезентативец Николче Новески поради повреда, не мора да стравува за опстанокот.

Автор: Арнулф Бечер/Б. Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска