1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бојан Јовановски уапсен, Катица Јанева во фокусот

БГ
15 јули 2019

Веста за оставката на специјалната обвинителка Јанева која се случи паралелно со апсењето на сопственикот на 1ТВ Јовановски ја разбранува јавноста. ЈО не коментира за улогата на Јанева.

https://p.dw.com/p/3M7iR
Katica Janeva
Фотографија: DW/F. Hofmann

Две лица, осомничени за рекетирање на познат бизнисмен, се уапсени и вечерва по распитот во судот ќе биде познато дали ќе им биде одреден притвор, но скандалот кој денеска одекна во македонската јавност е на пат да прерасне во случај кој може до темел да ја потресе државата. Бојан Јовановски познат и како Боки 13 и Зоран Милевски се засега двајцата осомничени за кои шефицата на Јавното обвинителство за борба против организиран криминал, Вилма Рускоска отвори истражна постапка, но малку е веројатно дека истрагата ќе заврши само на тие две имиња. Од она што го обелодени Рускоска на денешната прес-конференција, се насетува дека во центарот на вниманието во случајот ќе биде неименуваниот јавен обвинител. 
Милионски рекет 
ЈО ги гони двајцата осомничени затоа што рекетирале познат бизнисмен кој бил под истрага од обвинителство. Рекетот се одвивал на тој начин што првоосомничениот Јовановски од бизнисменот барал, и успеал да добие, пари во замена за ослободување од кривично гонење. Од првично бараната сума од 8 милиони евра, цената била спуштена на 5 милиони, за на крајот 1,5 милиони евра му биле исплатени на првоосомничениот од страна на бизнисменот. Меѓу осомничените и бизнисменот за кој се воделе истражни постапки биле реализирани повеќе средби за кои посредувал второосомничениот Милевски. 
„При овие средби, од сведокот биле побарани 8 милиони евра за да се запре истражната постапка против него. Доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности, сведокот требало да исплати 5 милиони евра, со тоа што веќе дадените еден милион евра, во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат на рати“, изјави обвинителката Рускоска. 
Првоосомничениот, како што објасни Рускоска, го искористил „своето влијание врз јавен обвинител“, или со други зборови, се повикувал на своето познанство со обвинителот за да добие пари од бизнисменот во замена за „олеснување на неговата положба“ во постапката. 
Првоосомничениот Јовановски се гони и за кривично дело Перење пари, затоа што добиените 1,5 милиони евра „ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и со нив купувал предмети, облека, плаќал одмор...“
Оставка на Јанева
Случајно или не, неколку часа пред прес-конференцијата на обвинителството, и паралелно со веста за апсењето на Јовановски, се уште актуелната шефица на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева најави дека се повлекува од функцијата.
„Ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и европските интеграции на мојата земја“, порача Јанева преку писмена изјава. 
„Ја депонирам мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник. 
Од Обвинителството денеска одбија да ја коментираат оставката на Јанева и да ја поврзуваат со актуелниот случај. 
Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески „дипломатски“ порача дека тоа е нејзин личен чин. 
„Оставката на Катица Јанева е нејзин личен чин и ние тука нема што да коментираме“, рече Јовески. 
И политиката засега ја третира оставката на Јанева како „личен чин“, додека на социјалните мрежи „гори“ од реакции. 
Контроверзите и шпекулациите околу нејзината улога во случајот во наредните денови веројатно само ќе се мултиплицираат. Основа за тоа може да биде и временската рамка во која се движела истрагата на обвинителството за рекетот, со периодот во кој беше отворен случајот „Империја“ на СЈО. Откако повеќемина осомничени беа експресно ставени во притвор за случајот на почетокот на ноември 2018 година, веќе во декември, токму на барање на СЈО истиот им беше заменет со куќен притвор. На еден од осомничените подоцна пролетва му беше вратен и пасошот и тој отпатува надвор од Македонија за да следи спортски натпревари.