1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бразил во осминафиналето

21 јуни 2010

Денеска е единаесетиот ден од ФИФА-СП во фудбал со кој се заокружува второто коло по групи. Вчерашниот, десетти ден, ја потврди доминацијата на јужноамериканските екипи, кои досега немаат пораз на шампионатот.

https://p.dw.com/p/NyPx
Сцена од мечот Бразил- Брег на Слоновата КоскаФотографија: AP

Петкратниот светски првак Бразил, по Холандија, е втората екипа што обезбеди пласман во осминафиналето. Во синоќешниот натпревар во Јоханесбург, Бразилците беа поуспешни од африканскиот фаворит на мондијалот, екипата на Брегот на Слоновата коска и славеа победа со 3:1. Натпреварот започна изедначено и со претпазлива игра на двата тима, но креативниот потенцијал на Робињо и Кака и голгетерските способности на Луис Фабиано дојдоа до израз во 25 минута кога Караоките поведоа со 1:0.

Brasilien Elfenbeinküste WM Weltmeisterschaft Fußball Flash-Galerie
Луис Фабијано пред постигнувањето на вториот гол. Дали играше со рака?Фотографија: AP

Извонреден, но спорен гол на Луис Фабиано

По здодевното прво полувреме, меѓутоа, следуваше далеку повозбудливо и контроверзно второ полувреме. Бразилците започнаа да играат многу побргу и понапаѓачки и таквата игра ја круниса повторно Луис Фабијано по извонредната, но спорна индивидуална акција во која најмалку еднаш играше со рака. Судијата не го виде тоа и Бразил се радуваше на водството од 2:0 . Набргу потоа следуваше извонредниот пробив на Кака по левата страна и перфектната асистенција до Елано, кој го зголеми водството на 3:0. Ѕвездата на Брегот на Слоновата коска Дидие Дрогба успеа само да го намали поразот за конечни 3:1 за Бразил. И покрај поразот, тренерот на африканската екипа Свен Горан Ериксон не беше сосема незадоволен:

„Многу лесно ги примивме головите, при што мора да се каже дека првиот гол на Бразил беше многу убав. На резултат од 0:3 многу силно се вративме во игра, но за жал не можевме да постигнеме повеќе од еден гол“ , рече Ериксон по мечот.

Brasilien Elfenbeinküste WM Weltmeisterschaft Fußball Flash-Galerie
Кака (десно) во расправија со играчите на Брегот на Слоновата КоскаФотографија: AP

Црвен картон за Кака

Играта во последните 20-тина минути од натпреварот беше засенета од неколку жестоки фаули врз бразилските играчи, а мрачна кулминација беше црвениот картон за Кака, кој по една мешаница без топка со лакт во градите го удри играчот на Брегот на Слоновата Коска, Абдулкадер Кеита.

Со вчерашната победа Бразил веќе може да се подготвува за нокаут-рундата, додека Африканците мора да извојуваат победа против Северна Кореја во последното коло од групата Г за да имаат какви-такви надежи за пласман во осминафиналето. Многу нешта ќе зависат и од денешниот дуел на Португалија со Севернокореанците, кој португалскиот тренер Карлос Кеирош го нарече натпревар „за се’ или ништо“.

Истата констатација веројатно важи и за вечерашниот натпревар на европскиот шампион Шпанија со Хондурас. По поразот во првото коло од Швајцарија, избраниците на тренерот Винсенте дел Боске, мораат да ја совладаат екипата од Латинска Америка. Во терминот во 16 часот играат екипите кои остварија победи во првото коло во групата Х, Швајцарија и Чиле.

Neuseeland - Italien WM Weltmeisterschaft Fußball
Капитенот на Италија, Фабио Канаваро лежи на тревата по мечот со Нов ЗеландФотографија: AP

Азурите со реми против аутсајдерот Нов Зеланд

По Франција и Англија, по вчерашниот ден, во незавидна положба се најде уште еден фаворит, и тоа актуелниот светски првак Италија. По нерешните 1:1 во првото коло против Парагвај, Азурите не успеаја да го победат ниту аутсајдерот Нов Зеланд. Вчерашниот натпревар заврши со идентичен резултат 1:1.

Нов Зеланд дојде во водство уште во седмата минута со голот на Шејн Шмелц постигнат меѓутоа од офсајд, а Италијанците изедначија од пенал во 29 минута преку Винченсо Јакуинта по сомнителниот фаул во шеснаесетникот над Даниеле де Роси.

Потоа следуваше опсада на новозеландскиот гол, но без многу изразени гол шанси за Италијанците. На крајот, екипата од Океанија, по историското реми со Словачка во првото коло, оствари уште еден историски успех на мондијалот во Јужноафриканската Република:

„Ова е неверојатно. Тоа не беше убава игра, но се‘ едно е. Немаше пенал за Италијанците, тоа беше смешна одлука. Но, и покрај тоа немам зборови да ја искажам радоста. Секој даде се’ од себе и работеше напорно. Мислам дека секој мускул во моите нозе сега е во грч“, изјави по мечот капитенот на Нов Зеланд Рајан Нилсен.

Fußball WM 2010 Italien Paraguay 14062010 Flash-Galerie
Навивачки на ПарагвајФотографија: AP

Парагвај доминантен

И додека Италија и натаму чека на првата победа, Парагвај е пред влез во осминафиналето. Како уште еден доказ за доминацијата на јужноамериканците, Парагвај вчера ја совлада Словачка со 2:0 во натпревар во кој апсолутно доминираше. Головите ги постигнаа Енрике Вера во 27. минута и Кристијан Риверос во 86. минута. Риверос по мечот изјави:

„За среќа го постигнавме вториот гол. Знаевме дека натпреварот ќе биде многу тежок и беше така. Во првото полувреме постигнавме гол и потоа се обидувавме да ја контролираме топката. Нашиот противник не‘ стави под притисок. Но, нашиот втор гол потоа донесе опуштање и победивме.“

Автор: Андреас Цимонс / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска