1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бразил тоне во мрак

Францис Франка
29 октомври 2018

Со победата на Болсонаро на претседателските избори, на земјата ѝ се заканува враќање назад во едно од најтемните поглавја во нејзината историја. Демократијата мора да се одбрани со сите средства, оценува Францис Франка.

https://p.dw.com/p/37ILk
Brasilien Präsidentschaftswahlen Jair Bolsonaro
Фотографија: Reuters/S. Moraes

Незамисливото се оствари. Деснорадикалниот и ултраконзервативен кандидат, Жаир Болсонаро, е избран за претседател на Бразил. По пет години политичка и економска криза, корупциски скандали и затруена политичка клима, 57 милиони Бразилци му го дадоа својот глас на поранешниот скокач со падобран, за да донесе промена во земјата - по секоја цена.

Големото отфрлање на Работничката партија - ПТ, која раководеше со земјата од 2003 до 2016 година, во комбинација со неоснован страв од комунистичка закана, му донесоа голема победа на Болсонаро. Тоа беше непогрешлива формула која веќе двапати, во 1930-те и 1960-те на власт донесе две диктатури во Бразил.

Дополнително се ширеа многу дезинформации, предизвикани од лавина лажни вести. Милиони луѓе го славеа поразот на кандидатот на ПТ, Фернандо Хадад, и со тоа индиректно поразот на поранешниот претседател Луиз Игнасио Лула да Силва, кој веќе шест месеци е во затвор поради корупција и перење пари поради што и му беше забрането повторно да се кандидира.

Но победничката треска на избирачите на Болсонаро започнува и завршува со изборниот резултат. Од тука натаму Бразил тргнува во неизвесност. Невозможно е да се предвиди што навистина ќе направи Болсонаро. Бидејќи тој за време на кампањата одбиваше да оди на дебати и даваше само интервјуа на пријателски настроени новинари. Неговата програма за спас е „недоделкана“, во одреден дел и противуставна и бесмислена, и се темели на погрешни претпоставки. Новоизбраниот претседател досега ширеше само омраза против своите противници и најави „дека сите овие нешта“ ќе се променат.

Во лошо друштво

Она што е познато за Болсонаро, е тоа што го покажал во неговите речиси триесет години како пратеник во бразилскиот парламент: глорифицирање на бразилскиот воен режим, како и тортура под режимот, восхит кон диктаторите, презир кон малцинствата и демократските вредности како човекови права, слобода на печат и независно судство.

Покрај тоа, Болсонаро нема баш добро друштво. На листата негови поддржувачи се поранешиот главен стратег на Трамп, Стив Бенон и Дејвид Дјук, поранешиот водач на Кју Клус Кланот. Француската десна популистка Марин Ле Пен пак, изјавите на Болсонаро ги нарече „непријатни“.

Franca Tiebot Francis Kommentarbild App
Францис Франка

За време на неговата изборна кампања Болсонаро ги нападна домородните народи, Афробразилците, ЛГБТ заедницата, феминистите и медиумите. Неколку дена пред вториот круг тој се закани дека ќе ги апси противниците, ќе ги протера од земјата или дури и ќе ги ликвидира. Тој вети „досега невидена чистка“ и нагласи дека „луѓето го почитуваат само она од кое се плашат“.

По огорченоста од меѓународните организации и индустријата, Болсонаро ја ублажи малку својата реторика и планови: веќе не сака да истапи од Парискиот договор, ќе ги почитува изборните резултати и нема да ги крши законите. Ајде да видиме.

Она што е во најава е авторитарна, милитаризирана влада, поддржана од ултраконзервативни религиозни сили во бразилскиот конгрес, кои зајакнаа по парламентарните избори на почетокот на октомври. Во суштина - влада којашто осудува абортус, но одобрува паравоени структури. И баш ваква влада има задача да ја извади земјата од криза. А не се работи за мала криза. Бразил има неверојатно висок буџетски дефицит, 13 милиони невработени и нефункционален социјален систем.

Да се одбрани демократијата

Сите умерени, од централната левицата до централната десница, кои со своите дела или пасивност придонесоа Болсонаро да дојде на највисоката позиција во земјата, сега се обврзани да ги спречат нападите врз демократската правна држава. Бескомпромисната одбрана на демократските принципи е сега задача на легислативата, на правосудството, на медиумите и на секој граѓанин. Бразил не смее да го третира угнетувањето како нормална појава, ниту во владата ниту на улиците. Мора да има нула толеранција за изјави и ставови кои го ставаат уставниот поредок под прашање. Од меѓународната заедница, особено партнерите кои се од економско и политичко значење, како ЕУ, се очекува да извршат соодветен притисок, за Бразил да не се откаже од демократските принципи.

Самиот Болсонаро признава дека можеби не е добар претседател и дека Бразил се движи во правец на изгубена деценија. Со оглед на актуелното сценарио, земјата би можела да биде среќна ако во 2022 има слободни избори. Промена по секоја цена би можела скапо да ја чини.