1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брановите проголтаа стотици куќи и животи

19 јули 2006

Природата уште еднаш покажа дека е посилна од човекот. Два дена по новата катастрофа со цунами која го зафати индонезискиот остров Јава, се зголемува бројот на жртвите. Проблемот е во тоа што повторно не работел системот за предупредување. Поголемиот дел од луѓето едвај се спасиле. Бернд Муш Боровска пренесува дел од сведоштвата.

https://p.dw.com/p/Adzr
Разурнато крајбрежјето на Јава
Разурнато крајбрежјето на ЈаваФотографија: AP

Во туристичкото место Пандагаран на јужниот брег на индонезискиот остров Јава крајбрежјето е целосно уништено. До сто метри високите бранови , кои надојдоа како последица на силниот земјотрес во морето, разурнаа голем број куќи и хотели или целосно ги збришаа од земјата. Сега насекаде има испревртени бродчиња, автомобили и искршени дрвја. Црвениот крст соопшти дека сега околу 10 000 луѓе се останати без домови. Речиси и да не остана ниту една од традиционалните дрвени куќички покрај брегот вели еден од преживеаните во цунамито:

„Сите куќи се целосно разурнати. Околу 400 рибараски брочиња лежат превртени и искршени на плажата. Некои од нив завршиле и во куќите, други висат на дрва. Во хотелот во кој бев сместен во ходникот има неколку чамчиња и превртени автомобили кои ги донела водата“.

На плажите има многу тела на настрадани, а многу луѓе ги бараат своите најблиски. Бројот на жртви постојано расте. До сега се избројани 360 жртви, но уште стотина се водат како исчезнати. Меѓу жртвите има и многу туристи. Еден Белгиец кој се извлекол за влакно раскажува:

„Седев во еден бар, келнерката влезе внатре избезумена и веднаш потоа се појавија огромните бранови. Зе затрчав кон кујната ама не можев да најдам никаков излез. Си реков готово е и одеднаш се урна еден ѕид од барот па можев да излезам. Едвај се спасив“.

Еден друг преживеан кажува дека немало никакво предупредување за опасност:

„Не немаше никакво предупредување. Јас само видов дека сите почнуваат да трчаат и да бегаат, па и јас го направив истото и се искачив на ридот“.

По трагичната катастрофа од 2004 кога во цунамито загинаа 230 000 луѓе од кои најмногу од Индонезија властите најавија дека ќе ги активираат системите за рано предупредување, но очигледно не го сториле тоа.