1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Браќа Грим: фрикови или визионери?

Ананда Граде / Елизабета Милошевска Фиданоска20 декември 2012

Тие не само што собираа бајки, туку го истражуваа и германскиот јазик и со тоа ставија темели на германската граматика. Амбициозноста што притоа ја покажуваа за многумина во тоа време беше чудна.

https://p.dw.com/p/176EN
Фотографија: picture alliance / akg-images

Браќата Грим имале визија - сакале да зачуваат парче германска историја на културата, затоа што во тоа време и‘ се закануваше пропаѓање. Германија на почетокот на 19. век беше поделена, имаше политички немири, борби за превласт и воени походи. Тоа им пречело на Јакоб и Вилхелм Грим. Тие посакувале обединета нација, единствен народен дух. Почнале да го истражуваат својот јазик и собирале стари народни преданија и митови. Со тоа станаа основачи на истражувачка сфера која во тоа време се‘ уште не постоеше. Тие напишаа стотици дела, меѓу нив и вистински „темели“ како „Германски речник“, „Германска митологија“ и „Германска граматика“.

Не им пречело што не им се оддава признание

Она што го работеа браќата Грим во тоа време е пионерско дело. Се‘ уште немаше институти по германистика на коишто можеа да им се обратат. Немаше ниту издавачи кои би се „тепале“ за нивните бајки. Во тоа време не можеше ниту да се насети што ќе се случи со нивните дела. „Дотолку е повосхитувачки податокот дека тие работеа толку упорно на истражување на јазикот“, вели професор Штефен Мартус, кој има напишано опширна биографија за браќата Грим. Нивната упорност се исплати: бајките до денес се светски успех, а тие двајца важат за основачи на германистиката.

Brüder Grimm 200 Jahre verschiedene Ausgaben
Браќата Грим работеле многу се‘ до крајот на живототФотографија: picture-alliance/dpa

Не им пречело што на почетокот не им се оддавало доволно признание. Секогаш „си го терале своето“. Татко им починал кога биле на 10, односно на 11-годишна возраст. Набргу потоа ја презеле улогата на глава во семејството. На 17-годишна возраст Јакоб се иселил и почнал да студира право во Марбург, а една година подоцна истото го прави и помладиот брат Вилхелм. По неколку семестри Јакоб ги прекинал студиите и двајцата почнале да истражуваат, но никогаш не биле научници што се занимаваат со јазикот кои немаат за леб. Во текот на животот извршувале различни функции, заработувале како библиотекари, новинари, дипломати и подоцна и професори. Но нивното срце чукало само за едно - старогермански студии и собирање преданија и бајки. Веќе на 25, односно 26 години двајцата ги издаваат своите први книги. Меѓу нив се „Стародански јуначки песни, балади и бајки“ од Вилхелм и „За старогерманското начин на пеење Мајстерзенгер“ од Јакоб.

Провокативни

Какви биле всушност по карактер браќата кои толку упорно го истражувале јазикот? Тоа прашање си го поставува и Андреас Деринг, генерален директор на Младиот театар Гетинген. Тој оваа година правеше претстава за браќата Грим и за таа цел истражуваше историски писма и документи за да си создаде претстава за двајцата. „Тие биле големи работници, моралисти и фрикови.“ Биле познати по својот многу строг и своеглав начин на однесување, особено кога се работело за нивните истражувања.

Освен тоа, сакале „многу да провоцираат“ и на „умните глави“ во тоа време им биле трн во очи. Имало големи судири, многумина на двајцата „њукамери“ гледале „накриво“, зашто двајцата истражувале во ново поле.

Brüder Grimm 200 Jahre das Deutsche Wörterbuch
„Германскиот речник“ е завршен еден век по смртта на браќата ГримФотографија: picture-alliance/dpa

Сепак, браќата Грим не скршнувале од патот. Тие биле непобедлив тим, иако биле многу различни. Вилхелм бил повеќе шармантен, додека Јакоб бил строг и повлечен. Но во сите животни ситуации си пружале поддршка еден на друг, тврди Деринг. „Се прифаќале такви какви што се и се држеле заедно кога требало - братска љубов!“

Браќата Грим работеле упорно, се‘ до крајот на животот. Вилхелм починал на 73-годишна возраст, во 1859 година, а Јакоб на 78-годишна возраст, во 1863 година. Својот најголем проект меѓутоа не го завршиле. „Германскиот речник“ е завршен еден век подоцна, а на него работеле над сто германисти. Проект за почит, какви што е и браќата Грим.