1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит- партија покер со милијарди влог

ЖА
4 мај 2017

„Ќе биде гадно. Станува збор за пари, а нервите се истенчени“, пишуваат германските весници за новата пресметка според која Британија за излез од ЕУ треба да плати 100 милијарди евра. Точка на конечен раздор?

https://p.dw.com/p/2cKxV
Großbritannien Belgien Theresa May verlässt den EU Gipfel in Brussels
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Колку чини разводот? Кога Велика Британија ќе ја напушти ЕУ, зад неа ќе остане цех, огромна сума која треба да се плати во пензискиот фонд на службениците на бриселската бирократија, во фондови за кои Лондон има преземено обврска, залог за заедничките долгови. Досега пресметувачите во Брисел оперираа со бројка од 60 милијарди евра, но, како што се раскажува, на иницијатива на Германија и на Франција, сега направиле нова сметка и дошле до цели 100 милијарди евра. Само за споредба, Британија, како еден од подобростоечките членки во ЕУ, во европскиот буџет за 2015 година уплатила 11 милијарди евра повеќе отколку што зела од него. Испаѓа дека Брегзит чини колку десетгодишно членство во ЕУ.

Разбирливо, станува збор за максимално барање со кое преговарачите од Брисел ќе излезат пред своите колеги од Лондон, ако воопшто дојде до преговори. Засега ставот на премиерката Тереза Меј е - нема ни збор за плаќање толкави пари. Освен тоа, таа бара прво да се испреговара идниот трговски аранжман меѓу Британија и Европа, па дури потоа да се зборува околу условите за развод. Желбата, судејќи според сѐ, нема да ѝ се исполни. Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер и германската канцеларка Ангела Меркел јасно порачаа: прво развод и алиментација, потоа разговор за идниот однос. 

Можно е на вонредните избори во јуни ториевците под раководство на Меј да однесат убедлива изборна победа, па таа во Долниот дом да собере повеќе умерени пратеницинаклонети кон т.н. мек Брегзит. Тогаш ЕУ би можела да добие пари, можеби не сите, но секако голем дел. Доколку Британците одлучат да бидат тврди, можно е во предвидените две години за преговори, да не се случи-ништо. Во тој случај Британија на 29 март 2019 година автоматски ќе престане да биде членка на ЕУ. Останатите земји ќе останат без своите пари, но и Лондон без спогодба за слободна трговија.  

„Сега ќе биде гадно. Станува збор за пари, а нервите се истенчени“, пишуваат германските весници за новата пресметка според која Британија за излез од ЕУ треба да плати 100 милијарди евра. Дали тоа ќе биде точка на конечен раздор?

Brüssel EU Gipfel Brexit Verhandlungen Merkel
ЕУ со единствен став околу БрегзитФотографија: Getty Images/AFP/E. Dunand

„Тереза Меј сака, наспроти трошоците за излез, на другиот тас на вагата да ги стави идните права на државјаните од ЕУ во Велика Британија“, пишува Фленсбургер тагесблат. „Меѓу германските дипломати во Лондон се слуша декаМеј распиша предвремени избори зашто полека станува свесна за високата цена која ќе треба да ја плати Обединетото Кралство. Таа сака да има мандат за компромиси и бара поддршка во борбата против мразачите на Европа од својата конзервативна партија. Но, преговарачкиот покер го распламтува антиевропското расположение во британското општество.“ 

Полека, велат од Ноје ознабрикер цајтунг. „Секој кој некогаш се ценкал, знае дека се почнува со максимални барања, астрономски суми, за да се отвори тактички простор. ЕУ нема интерес економски да ја урниса Велика Британија. Британците не можат без европскиот пазар. Па сепак, сметката за Брегзит би можела да биде точка на раздорот. Европските договори предвидуваат само две години за преговори, што не е доволно... Британците се закануваат да заминат без плаќање. Такво кршење на договорот би било катастрофа со енормни последици за двете страни, политички и економски. Според анкетите, расте бројот на противниците на Брегзит, на кои веќе им е преку глава од сѐ. Што ако расположението на Британците се промени и мнозинството сака останување во ЕУ?“

„Раширено е гледиштето дека владата на Даунинг стрит се раскомотила, дека живее во Брегзит-Ла-Ла-Ланд и ги игнорира димензиите на овој потфат“, пишува Велт. „Или дека во Лондон навистина се опуштени во илузијата, според која преостанатите 27 земји членки ќе му подарат сѐ на Кралството, зашто така е неопходно. Тоа нема да се случи, од самитот за Брегзит во саботата, Меј го има тоа и написмено. Па сепак, премиерката непоколебливо ја води земјата кон понор. Со немир се наметнува прашањето: Што сака Меј?“

„А што сака ЕУ?“, се прашува Рајн цајтунг. Весникот споменува дека 27-те членки на ЕУ во оваа ситуација зборуваат во еден глас, што не е вообичаено во последно време. „ЕУ крои проекција на заеднички непријател заради збивање на редовите и заплашување на другите членки, кои евентуално се сомневаат во членство во ЕУ. Тие треба да бидат одвратени од самата помисла да тргнат по британски стапки.“