1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел бара јасни одговори од Понта

Биргит Шмајцнер / Елизабета Милошевска Фиданоска12 јули 2012

ЕУ очекува јасни одговори од романскиот премиер Виктор Понта за време на неговите разговори во Брисел. Понта денеска ќе се сретне со претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој и на EК, Жозе Мануел Барозо.

https://p.dw.com/p/15Vhm
Фотографија: AP

Борбата за превласт во Романија која ескалира, предизвикува загриженост во Европскиот парламент, и тоа во сите пратенички групи. Од една страна е младиот, умен социјалдемократ, премиерот Виктор Понта, а од друга страна конзервативниот претседател Трајан Басеску, за кого народот на крајот на јули треба да каже дали ќе биде симнат од функцијата.

Кршење на демократските правила

Европратеникот од редовите на германската Христијанско-социјалната унија Маркус Фербер оценува дека ситуацијата е неподнослива:

„Се случува масовно политичко подбуцнување против актуелниот претседател на државата. Кој ја злоупотребува политиката за такви цели, за да спроведува одмазднички поход и притоа да го менува уставното право и да го става Уставниот суд под притисок, тој се дистанцира од спектарот на демократска правна држава“, критикува фербер. Земјата, според него, на тој начин ги крши демократските правила на игра.

Rumänien Traian Băsescu
Романскиот претседател Трајан БасескуФотографија: picture-alliance/dpa

И во политичкиот камп на Понта, кај социјалдемократите во ЕП, се изразува критика, но нешто поумерено. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, по разговорите што вчера попладне ги водеше со романскиот премиер, рече дека средбата била многу отворена, опис што политичарите го употребуваат најчесто кога имало разлики во мислењата. Шулц зборуваше за загриженост и сомнеж и критикуваше што важни закони биле променети по итна постапка.

„Требало да се оди по одмерен демократски пат, со широка општествена дебата“, рече Шулц.

Понта пак, постојано нагласува дека неговата влада и парламентот се чувствуваат обврзани кон европското право. Обвинувањето на шефот на пратеничката група на конзервативните партии Жозеп Дол, дека се случува државен пуч, веќе е отфрлено од страна на Уставниот суд како невистинито, рече тој.

Можно продолжување на ЕУ-контролите

Сега на потег е Европската комисија, вели Понта, кој денеска разговара со претседателот на ЕК Жозе-Мануел Барозо.

„Доколку проверката покаже дека Романија го прекршила европското право, тоа ќе го промениме“, уверува Понта.

Rumänien Victor Ponta
Премиерот на Романија Виктор Понта (прв од десно)Фотографија: picture-alliance/dpa

Европската комесарка за правда Вивијан Рединг претходно наведе три критични работи кај кои гледа загрозување на правната држава - притисок врз правосудството, обид да се скратат правата на Уставниот суд и итно променети закони за да се олесни соборување на претседателот. Рединг зборуваше и за тоа какви може да бидат последиците за Романија. Редовните контроли од страна на ЕК околу тоа како земјата се однесува кон законите и борбата против корупцијата би можеле да бидат продолжени за повеќе години. Можности имаат и самите членки на ЕУ. Рединг наведе два примера: ЕУ може да го стопира проширувањето на Шенгенскиот простор, планирано за септември, и може да не ги признава судските пресуди од Романија.