1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел избегна тежок терористички напад

ЕМФ /агенции
21 јуни 2017

Прво експлозија, потоа пукотници: по Велика Британија и Франција, цел на терористите повторно е Брисел. Безбедносните сили вчеравечер убија напаѓач во железничката станица, кој претходно активирал мал експлозив.

https://p.dw.com/p/2f4dM
Belgien Explosion am Zentralbahnhof in Brüssel
Фотографија: Reuters/Twitter/@remybonnaffe

Безбедносните сили на Белгија вчеравечер на железничката станица во белгискиот главен град застрелаа осомничено лице, кое претходно активирало мала експлозивна направа. Обвинителството соопшти дека според првичните сознанија убиеното лице е терорист. Други жртви нема.

Осомничениот, како што тврди еден сведок, мрморел „Алах-у-Акбар“ (Господ е голем). Агенцијата Белга јави дека откако бил застрелан, убиениот долго лежел на железничката станица, поради тоа што експерти за експлозив требало прво да проверат дали можеби носи бомба на телото.

Belgien Terror-Alarm in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Vanden Wijngaert

Железничката станица беше затворена по малата експлозија, а испразнети беа и околните згради. Железничкиот сособраќај, кој на некои места во Брисел беше привремено прекинат, повторно се одвива без прекини, освен на главната железничка станица, каде што се случи инцидентот.

Белгискиот премиер Шарл Мишел за денеска свика седница на Националниот совет за безбедност. Сепак, степенот на предупредување од тероризам засега не е подигнат на највисоко ниво. Тоа би се сторило доколку се има сознанија дека претстои терористички напад. Во моментов, како што се вели, нема сознанија за такво нешто.

Брисел сѐ уште памети

Главниот град на Белгија беше цел на повеќе терористички напади. Во март 2016. година во бомбашки напади на аеродромот и во една станица на метрото исламистички атентатори убија 32 лица. Во мај 2014. година француски исламист уби четири лица во Еврејскиот музеј во Брисел. Оттогаш низ градот патролираат не само полицајци, туку и припадници на воената полиција, вооружени со автоматско оружје.