1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британија ќе мора да го врати островот Чагос

БГ /АФП
26 февруари 2019

Обединетото Кралство треба да ја предаде контролата врз архипелахот Чагос во Индискиот океан „колку што е можно побрзо“, одлучи највисокиот суд на ОН во повеќедеценискиот спор со Маврициус околу островот.

https://p.dw.com/p/3E6Mm
Insel Atoll Diego Garcia
Архипелахот Чагос во Индискиот океанФотографија: NASA Johnson Space Center/Image Science & Analysis Laboratory

Меѓународниот суд на правдата одлучи дека Британија илегално го одземала островот од Маврициус пред неговата независност во 1968 година, а потоа и насилно го протерала целото негово население.

Маврициус и протераните Чагоси реагираа со воодушевување на пресудата која беше прочитана во Хаг. Иако одлуката на судот не е обврзувачка, таа сепак има голема политичка тежина. Ова е „историски момент за Маврициус и за неговиот народ“, изјави премиерот Правинд Џугнаут. „Нашиот територијален интегритет ќе биде заокружен и кога тоа ќе се случи, Чагосите и нивните потомци ќе можат да се вратат дома“, изјави тој.

Британија и натаму го брани своето право на островот и тврди дека воената база Диего Гарсија, која беше користена при воздушните напади врз Ирак и Авганистан, ги брани луѓето ширум светот.

Но судот ги отфрли ваквите тврдења.

„Континуираната администрација на архипелахот Чагос од страна на Обединетото Кралство е незаконски акт“, оцени во пресудата судечкиот судија Абдулчави Ахмед Јусуф.

„Обединетото кралство има обврска да ѝ стави крај на својата администрација на Чагос најбрзо што е можно, и да му дозволи на Маврициус деколонизација на својата територија“.

Генералното Собрание на ОН во 2017 усвои резолуција предложена од Маврициус и поддржана од африканските држави со која од Судот беше побарано правно мислење за судбината на островот и за легалноста на депортациите.

Британија ги одвои островите од Маврициус три години пред Порт Луис да прогласи независност во 1968 година и притоа плати и откуп од три милиони фунти.

Меѓу 1968 и 1973 година, околу 2.000 жители на островот беа протерани од своите домови во Британија, Маврициус и Сејшелите за да се отвори простор за изградба на воена база. Протерувањата, во британските дипломатски пораки, од тоа време се опишуваат како отстранување на „неколку Тарзани и Црни Петковци“.

Британија не ја признава пресудата

Воената база Диего Гарсија сега им е изнајмена на САД и играше клучна стратешка улога за време на Студената војна, а потоа беше користена и во американските интервенции во Авганистан и Ирак.

Одлуката на Судот е тежок удар за Лондон затоа што случајот, од една страна, директно се занимава со историските прашања поврзани со деколонизацијата, а од друга, повторно го отвора прашањето за местото на Британија во светот во светло на заминувањето од ЕУ.

Британското министерство за надворешни работи ја отфрли пресудата.

„Одбранбените објекти на Британските територии во Индискиот океан (така Британија го нарекува островот, н.з.) помагаат да се заштитат луѓето тука, во Британија, и ширум светот од терористички закани, организиран криминал и пиратерија“.

САД го коментираа случајот како „билатерален спор помеѓу Британија и Маврициус“, но сметаат дека Судот немал надлежност да одлучува во него.

Протераните жители на Чагос веќе започнаа правна битка и пред британските судови, а поддршка во тоа им дава и лидерот на опозициските Лабуристи, Џереми Корбин.