1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британска метла... а и естонска

4 мај 2019

Речиси да нема политичар во која било земја кој ќе се повлече поради притисокот во себе откако потклекнал во моралниот хазард, без оглед дали прекршокот што го направил бил мал или огромен. Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3Hv1H
Roter Teppich Besen kehren Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Политичарите доаѓаат и си одат. Некои им прават поголема штета на партиите, некои можат да си направат поголема штета себеси, некои дури и да начнат одредени општествени темели. Нема тука ништо чудно ниту невообичаено. Уште од Солон и Перикле заедниците се обидуваат општествените норми да ги преточат во закони според кои ќе се раководат, но уште од тие времиња не можат да се откријат вистинските морални координати кои треба да бидат водилки за еден политичар. Изгледа дури и дека е невозможно да се направи тоа.

Ќе заиграла метла во Македонија откако случаите на непотизам и кронизам ја преплавија политичката и општествената сцена, а јавноста уште еднаш ја соочија со вистината што одамна ја знае. Речиси да нема политичар во која било земја кој ќе се повлече поради внатрешниот притисок во себе откако потклекнал во моралниот хазард, без оглед дали прекршокот што го направил бил мал или огромен. Она што ги обединува сите политичари под едно знаме е реченицата – јас не сум виновен, сето ова е измислица и лажни докази. Еве два примера на кој начин метлата се справува со нечесноста и насилството на политичарите. Едниот е од старата Европа, другиот од новата Европа. На двата им е заеднички ужасот на луѓето кои неодамна станале политичари, но заради своето однесување мора да си одат од тој свет.

Фиона Онасанја (35), член на британската Лабуристичка партија и адвокат, голем поддржувач на лидерот Џереми Корбин, во 2017 година беше извлечена од политичката опскурност и поставена да се бори за пратеничкото место во изборната конститиуенца Петерборо во Кембриџшајр. И успеа да победи во тоа јадро на конзервативците и силните поддржувачи на „Брегзит“. Изгледаше дека пред неа може да има добра политичка кариера. Месец и пол по изборите, во јули 2017, камерите го снимиле нејзиниот автомобил како поминува со брзина од 41 милји на час (66 километри) во областа во Кембриџшајр каде било дозволено 30 милји (48 километри на час). Ако го мериме овој сообраќаен прекршок со овдешни параметри тој за многумина може да изгледа дури и бесмислен.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Спирала на лаги

За новата пратеничка Онасанја тогаш почна патот до пеколот најмногу поради нејзините лаги и замислата дека еден политичар (плус и адвокат) може да се извлече, бидејќи треба да и се верува најмногу на нејзиниот збор. Полицијата испратила известување до Онасанја да дојде во станица и да и’ се запишат казнени поени на нејзината картичка за пречекорување на брзината. И оттогаш почнува спиралата на лагите. Фиона во автомобилот била со својот брат, но таа ја враќа назад поканата во полицијата, наведувајќи дека нејзината „нисан микра“ ја возел познаник на брат и’.

Полицијата во јануари 2018 година ја повика да даде исказ. Фиона ништо не сакала да коментира. Во јули 2018 година, обвинителството покренува случај против неа за измама на правдата. Судењето започнува во ноември истата година. Пратеничката на процесот ги отфрла сите тврдења, потоа вели дека не знае кој го возел автомобилот, па дека брат и’ ја наместил. Поротата во декември пресуди дека Фиона Онасанја „лажела постојано и намерно“, а судот ја осуди на три месеци затвор. Нејзиниот брат доби затворска казна од 10 месеци, сето тоа поради лагите околу картичката за казнени поени. Посрамотената пратеничка еден месец подоцна беше исфрлена од Лабуристичката партија и во парламентот настапуваше како независна. На нејзин нескриен ужас во јануари оваа година беше испратена во затвор. Таму одлежа четири недели. Потоа беше пуштена на слобода со обврска да носи електоронска алка за следење. Сите партии покренаа таканаречена петиција за дополнителни избори во таа конституенца. Ова е едно од новите одредби на парламентарниот деловник, со кои се зголемува улогата на бирачите во контролата на работата на пратениците кои ги избрале. До нив може да дојде ако таа петиција на избирачкото место ја потпишат најмалку 10 отсто од запишаните избирачи. Според тие одредби, секој пратеник кој е осуден на повеќе од една година затвор, автоматски го губи своето место во парламентот. А секоја пресуда затвор, макар и условна, повлекува петиција за отповикување. Спикерот на парламентот го одобри барањето на партиите и почнаа подготовките за „исфрлање“ на осрамотената пратеничка од парламентот.

Таа поднесе жалба, но апелацискиот суд ја отфрли, нагласувајќи дека лажела околу казнените поени за брзо возење. Веднаш потоа таа им се обрати на гласачите од нејзината конституенца да не ја поддржат петицијата за дополнителни избори. Во видео обраќање со панорама на Њујорк зад себе таа зборуваше како политичар кој никако не сака да признае грешка: „Ви велам, јас сум невина и ќе продолжам со битката да го исчистам моето име. Ако вие сакате да продолжам, да ви служам како независен пратеник во парламентот јас сум способна да го правам тоа. Изборот е во ваши раце“. Онасанја зборуваше и за нејзините четири недели во затвор со највисоко обезбедување. „Бев однесена во затвор од А категорија, каде лежат осудени за убиство, обид за убиство, силување“.

Гласачите што ја избраа не поверуваа во нејзините зборови и во средата излегоа 27 отсто од нејзината конституенца за да го покренат процесот за дополнителни избори. Неколку часа откако заврши гласањето за петицијата спикерот на парламентот објави пред пратениците: „Фиона Онасанја не е веќе член на парламентот од Петербороу и местото е слободно“. Таа автоматски престанува да добива плата, трошоци и придонеси за пензија. Нови избори за испразнетото место треба да се одржат во јуни. Онасанја може да се кандидира на тие избори, но шансите да биде избрана се минимални. Во меѓувреме, ја загуби лиценцата за адвокат. Целиот нејзин свет се урна затоа што лажеше дека возела 18 километри побрзо од дозволеното и затоа што не сакаше да и’ се запишат казнени поени во нејзината картичка за брзо возење. Оваа британска метла покажува на кој начин една демократија понекогаш успева да се справи со измамниците меѓу политичарите. Се разбира, таа метла не заигрува секогаш. Во многу случаи политичарите успеваат да се извлечат или да се притајат и потоа пак да се вратат во политиката. Но работата на една демократија е да ја промовира чесноста и моралноста на политичарите. Таа битка во Британија не завршува со осрамотената Фиона Онасанја, туку е само еден мал успех кој служи како предупредување. Иако следните случаи веќе се зад аголот, некои многу добро прикриени.

Großbritannien Wahlen 2017 – Auszählung
Избирачите не поверуваа во тврдењата на ОнасанјаФотографија: Reuters/P. Childs

Трите прста

На север на Балтикот, во Естонија, во понеделникот беше избрана новата влада. Во неа за првпат влезе крајната десница. Победникот на изборите во март, центристичката партија Реформа, не успеа да собере мнозинство за да формира влада, па второпалсираната, централно левичарска партија Центар на досегашниот премиер Јури Ратас неочекувано ги здружи силите со крајните десничари од партијата позната како ЕКРЕ и уште една друга конзервативна партија и собра владејачко мнозинство. ЕКРЕ (Конзервативна народна партија) ја водат татко и син, Март и Мартин Хелме. Тие се залагаат за „бела Естонија“, без мигранти и за одредување на местото на жената и мажот и дома и во општеството. Естонија, држава со 1,3 милиони жители, иако е технолошко чудо на Балтикот, е најконзервативна од трите балтички држави. За време на мигрантската криза таа прими само 206 бегалци, од кои 80 веќе ја напуштиле земјата. Единствената нешто што ЕКРЕ ја разликува од другите крајни десничари во Европа е тоа што таа партија е изразито антируски настроена поради историското наследство од Советскиот Сојуз. Во новата влада таткото Март е министер за внатрешни работи, а синот Мартин министер за финансии. Тоа изгледа како фантастичен непотизам, но бидејќи се двајцата на врвот на партијата за естонските граѓани тоа на некој начин изгледа како „нормално“.

Но она што не е нормално е обвинувањето за семејно насилство за еден од новите министри токму од партијата ЕКРЕ. Обвинителството соопшти дека покренало истрага за семејно насилство против Марти Кусик, министер за технологија и надворешна трговија. Се разбира, тој негираше какво било погрешно однесување, но само еден ден откако даде заклетва како министер мораше да поднесе оставка. Метлата на јавноста беше пресилна. Уводот за таа разрешница се случи претходниот ден, кога владиниот кабинет беше кај претседателката на државата, Керсти Калјулаид, да даде заклетва. Кога министерот Кусик се приближи до претседателката таа ја напушти просторијата и тој остана да стои пред празната столица.

Утредента тој веќе ја имаше поднесено оставката во која тврдеше дека „обвинувањата против мене се клевета. Јас не сум човек кој се вклучува во такво насилство. Полициската истрага е последица на ужасниот медиумски напад“. Премиерот радо ја зеде во свои раце метлата што му ја предаде јавноста и изјави дека во ситуација на некој кој е обвинет за семејно насилство невозможно е владата да ја остварува својата програма. И покрај крокодилските солзи Кусик мораше да замине.

Estland neue Staatspräsidentin Kersti Kaljulaid
Претседателката на Естонија, Керсти Калјулаид, ја напушти просторијата кога министерот Кусик се приближи до нејзеФотографија: Copyright: Reuters/I. KalninsReuters/I. Kalnins

При изборот на владата во парламентот се случи еден инцидент кој крена значаен дел од европската демократска јавност на нозе, а не остана незабележан и во Америка. На некој начин тој е поврзан со Македонија, иако конотациите на инцидентот изгледа дека се со различна содржина. Во Македонија последниве две-три години на протестите на тврдокорните патриотски и националистички здруженија често учесниците поздравуваа со исправени три прста и со споени палец и показалец. Тоа би требало да значи дека Македонија е од три дела. Но во последниве неколку години тој светски знак, кој во основата го има значењето за „ок“, поттикнат од крајнодесничарските американски националистички групи прво почна преку онлајн тролови да означува „шега“, за потоа да се претвори во знак на белите супремацисти. Тој знак го употреби човекот кој уби 49 лица во Нов Зеланд влегувајќи во судницата. Таткото и синот Хелме, министри во новата влада, од собраниската говорница ја поздравуваа естонската јавност токму со тој знак. Поранешниот шведски министер за надворешни работи, Карл Билд, веднаш напиша на Твитер дека е „сериозно загрижен од однесувањето на двајца членови на новата естонска влада“.

Ако ги види големите групации на македонските патриотски здруженија како гордо го покажуваат тој знак, Билд може да помисли дека Македонија е полна со бели супремацисти. Тоа би можело да придонесе до значајни недоразбирања за значењето на пораката. Или можеби и овдешниве патриоти се чувствуваат како бели супремацисти и знакот им се протнал меѓу нив со објаснување дека неговата порака е поинаква. Оние што ги следат настаните во Македонија често се водат и по визуелни експликации, па на трите кренати прста може да им дадат сосем поинаква конотација.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар