1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британскиот парламент дозволи хомосексуални бракови

БГ/миа6 февруари 2013

Британскиот Парламент со убедливо мнозинство гласови синоќа (05.02) го поддржа предлог законот за хомосексуални бракови, што ќе се применува на територијата на Англија и Велс.

https://p.dw.com/p/17YhE
Фотографија: picture alliance/empics

По бурната расправа што траеше целиот ден, за новиот закон гласаа 400, а против беа 175 пратеници, најголемиот број од нив од редовите на владејачката Конзервативна партија на премиерот Дејвид Камерон.

Со новиот закон, геј браковите се изедначуваат со хетеросексуалните бракови и со тоа се остварува „еднаквоста кај бракот“. Против промената на законот беа голем дел од ториевските пратеници, Англиканската црква, но и сите други верски заедници, освен либералната и реформска синагога кај британските Евреи. Црквите и верските организации кои се противат на законот, не се задолжени да вршат верско венчавање на  хомосексуалните парови.

Премиерот Камерон се соочуваше со бунт против него и владиното решение, зашто се најавуваше дека околу 200 конзервативци ќе гласаат против, но на крајот владиниот предлог помина полесно отколку што се очекуваше, благодарејки на силната подршка од опозиционите лабуристи, како и од пратениците од Либералдемократската партија, коалиционен партнер во владата.

При гласањето, преку 140 ториевски пратеници гласаа против нивната влада, што е повеќе од оние кои гласаа за предлогот, што го поддржуваше премиерот Камерон. Тој во изјавата по гласањето го поздрави решението на Парламентот, истакнувајќи дека законот претставува „значаен чекор напред“ но противниците од редовите на неговата партија во Долниот дом, побараа синоќа тој одново да размисли околу законот. Заменик премиерот Ник Клег, лидер на либералдемократите, изјави дека станува збор за „триумф на неговата партија“ затоа што таа долго време водеше кампања за промена на законот за бракот. „Не е воопшто важно какви сме и кого сакаме, важно е дека сите сме еднакви“, рече Клег.

Владата во Единбург најави дека набрзо и во Шкотска ќе биде донесен ваков закон, додека во Северна Ирска тоа не се очекува во догледна иднина.