1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британски воен брод вплови во Гибралтар

ЖА/дпа/афп/миа19 август 2013

Во екот на спорот со Шпанија околу британската прекуморска територија британски воен брод вплови во пристаништето Гибралтар. Фрегатата е дел од мисијата во рамките на одамна планираниот поморски маневар, тврди Лондон.

https://p.dw.com/p/19SEs
Фотографија: Marco Moreno/AFP/Getty Images

Британскиот воен брод „Вестминстер“ вплови денеска (19.08) во пристаништето Гибралтар, само 24 часа по протестот на шпанските рибари, во Заливот на оваа британска прекуморска територија. Бродот „Вестминстер“ на британската кралска морнарица пристигна во моменти на напнати шпанско- британски односи и расправија меѓу Мадрид и Лондон околу Гибралтар, кој веќе 300 години се наоѓа под контрола на Велика Британија.

Шпанија ги обвини гибралтарските власти и Владата во Лондон за изградбата на вештачки брег во водите на заливот, тврдејќи дека со тоа им се попречува ловот на шпанските рибари од тој дел на Пиринејскиот Полуостров. Британската влада, пак, го обвини Мадрид дека, практично вовел блокада на границата меѓу Гибралтар и Шпанија, со намерното попречување на нормалното минување на патниците и возилата, тврдејќи дека шпанската влада ги крши одредбите на ЕУ за слободно минување преку границата.

Fischer-Proteste vor der Küste Gibraltars
Протести на шпанските рибариФотографија: Reuters

Официјален Лондон тврди дека доаѓањето на „Вестминстер“ не е поврзано со сегашната криза, затоа што посетата била најавена уште пред да избувне расправијата. Фрегатата „Вестминстер“ со уште два брода придружба, е дел од десетте воени бродови кои впловија во Медитеранот, за да посетат неколку пристаништа, меѓу кои и шпанската поморска база во Кадиз. Тие испловија од Плимут, во Велика Британија, минатата недела. Голем број Гибралтарци се собраа на пристаништето за да го поздрават бродот, веејќи британски знамиња. Во изјава за Би-Би-Си некои од нив побараа почести посети на британската флота, како и посилна поддршка на Лондон во нивните „проблеми со Шпанија“.

Вкупно 38 шпански рибарски бротчиња, следени од шпанската погранична стража учествуваа вчера во демонстрацијата во водите на Заливот, крај новоподигнатиот вештачки брег. Кога бродчињата почнаа да влегуваат во гибралтарските води кон нив се упатија бродчиња на гибралтарската погранична стража и на Кралската морнарица, кои направија бедем за да ги спречат натамошните упади на Шпанците.