1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарите бараат повеќе права во Србија

Динко Грухоњиќ/ Симе Недевски19 април 2012

Претставниците на бугарското малцинство во Србија не се единствени во оценката колку нивните права во Србија се навистина загрозени.

https://p.dw.com/p/14gyB
Фотографија: AP

Положбата на бугарското национaлно малцинство може да се унапреди, велат претставниците на ова малцинство и на надлежните институции во Србија, во реакциите на изјавата на потпретседателката на Бугарија Маргарита Попова дека Србија не може да смета дека ќе стане членка на ЕУ доколку не ги реши спорните прашања за човековите права на Бугарите.

Александар Димитров, директор на Културно-информативниот центар на Бугарите во Босилеград и функционер на Демократскиот сојуз на Бугарите за ДВ  истакнува дека изјавата на Попова  „пријатно го изненадила“ и истакнува дека бугарското малцинство има бројни проблеми во остварувањето на своите права:

„Образованието на мајчин јазик е голем проблем, кој го имаме уште од 1987. година, кога беше донесена одлуката мајчиниот јазик практично да се укине, иако дотогаш учевме цела наставна програма на бугарски јазик. Се разбира учевме и српски како јазик на државата во која живееме. Потоа беше донесена една смешна одлука дека тој модел треба да биде двојазичен. А тоа всушност значеше дека целата настава се одвиваше на српски а само неколку часови на бугарски јазик.“

Проблемите (не) се тешки

Bulgarien Portrait Margarita Popowa Justizministerin
Потпретседателката на Бугарија Маргарита ПоповаФотографија: picture-alliance / dpa

Димитров истакнува дека постои и проблем во вршењето на црковните богослужби на бугарски јазик. Тој тврди дека на Бугарите неодамна им било оневозможено да положат венци на споменикот на националниот херој Васил Левски во Босилеград.

Од другастрана претседателот на Националниот совет на Бугарите во Србија, Зоран Петров , кој е и пратеник на Демократската партија во српското собрание, за ДВ вели дека изјавата на потпретседателката на Бугарија е „претерување“, токму како и изјавите на некои претставници на Бугарите во Србија. Тој изрази чудење дека Маргарита Попова не се сретнала со претставници на Националниот совет на Бугарите и истакна дека проблемите со почитувањето на правата на Бугарите во Србија се решаваат во соработка со надлежното министерство:

„Тоа не се проблеми за кои може да се каже дека ги загрозуваат правата на бугарското малцинство. Постои закон за национални совети, а тоа што ние не можеме во доволна мерка да ги користиме сите права и можности кои ни ги пружа српскиот устав е повеќе наш проблем отколку политика на државата.  Како и сите други национални заедници и ние имаме некои нерешени проблеми кои се обидуваме да ги решиме во соработка со надлежните министерства“.

Петров истакнува дека во Димитровград постојат две средношколски оделенија во кои наставата се одвива на бугарски јазик. Истотака тој наведува дека е во тек решавање на проблемот со Новинско-издавачката куќа „Братство“, а исходот треба да биде истоимениот весник , кој по 50 години престана да се печати, повторно да почне да излегува.

Војводина како пример

Заменик- правобранителот на Србија задолжен за правата на малцинствата, Горан Башиќ за ДВ вели дека има простор за унапредување на правата на Бугарите во Србија:

„Кога станува збор за остварување на правата на националните малцинства во централна Србија, државата навистина треба да работи на доследна имплементација на правата и да го достигне стандардот кој веќе е постигнат во Автономната покраина Војводина. Истотака правобранителот му препорача на министерството за култура за подобрување на остварувањето на правата на информирање и на заштита на културниот идентитет на бугарското малцинство, но таа се’ уште не е спроведена“.

Bulgarien Rechtsextremismus Anhänger Emblem Partei Ataka
Приврзаници на националистичката партија „Атака“ во повеќе наврати биле спречени да влезат во СрбијаФотографија: AP

Горан Башиќ додава дека и некои држави од регионот кои веќе се во ЕУ имаат уште многу да направат за унапредување на заштитата на правата на националните малцинства.

Инаку пред десетина денови во Босилеград имаше обвинувања дека српските цариници наводно ја попречувале организацијата на детскиот Велигденски фестивал, бидејќи на границата ги задржувале подароците наменети за децата, што српската царина го демоантираше.

Бугарија во февруари упати протестна нота до Србија поради наводна забрана на собирот по повод 138. годишнина од смртта на бугарскиот национален херој Васил Левски. наводно тогаш им било забрането на активистите на бугарската националистичка партија „Атака“ да влезат во Србија. 

Слични обвинувања на сметка на српските власти се упатени и на крајот на 2011. година , кога поголем број автобуси со активисти на „Атака“ не успеа да влезе во Србија. Тие тогаш се упатија во Босилеград за да ја одбележат 91. годишнина од Нејскиот мировен договор.

Овој договор е потпишан на 27 ноември 1919. година во гратчето Неј, кај Париз и со него на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС) му се припоени териториите на Цариброд, Босилеград, Струмица и делови од десната страна на реката Тимок. Според пописот на население од 2002. година во Србија живеат нешто повеќе од 20 илјади Бугари.