1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија и Романија со надежи да го привлечат Фолксваген

Роберт Шварц
17 октомври 2019

Германскиот концерн, поради воената офанзива на Турција во Сирија, ги замрзна плановите за изградба на фабрика во Турција - проект вреден 1,4 милијарди евра. Тоа ги подгреа надежите на Софија и Букурешт.

https://p.dw.com/p/3RRPZ
Volkswagen
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Пред се` Бугарија, која првично со  Турција,   Србија  и Романија беше во конкуренција за изградба на фабрика на Фолксваген, со сета сила се обидува повторно да се врати во игра и да го добие договорот. Поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев, кој е и почесен претседател на моќниот кластер на автомобилска мрежа во Бугарија, објави дека Софија ја зголемила својата првична понуда „ и нашла начин да му понуди на Фолксваген наместо 135, меѓу 250 и 260 милиони евра“. Плевнелиев објасни дека неговата земја веќе ја дала понудата и сега чека на одговор од Фолксваген.

Со оглед на инфраструктурата, железничката поврзаност и автопатите во Елин Пелин кај Софија, предложениот локалитет за идната фабрика, смета дека понудата е навистина дарежлива – вкупната инвестиција ќе се зголеми на добри 800 милиони евра.

Беше ли Бугарија некогаш воопшто вистинска алтернатива?

Колку и да е примамлива, новата понуда не значи дека Фолксваген автоматски ќе ја прифати својата „втора опција“ – Бугарија.  Предноста на Бугарија  се ниски даноци и тоа што е членка на ЕУ. Но, ова последново е токму причината зошто земјата на автомобилскиот концерн не може да му даде директни државни субвенции. Извори во Софија велат дека „германската компанија најверојатно никогаш не се двоумела дали да инвестира во Турција, а Софија останала во трката само како мамец да се постигне подобар договор со Ердоган." Плевнелиев најави дека Бугарија ќе достави претставка до Европската Комисија бидејќи Фолксваген и Турција не ги почитувале правилата за конкурентност.

И Романија сака да се вклучи во игра

Романија исто така смета дека има повторно шанси и започна да размислува за можностите да го добие договорот за инвестиција. Градот Арад кој се наоѓа на западната граница кон Унгарија и Србија, според романска гледна точка е идеалното место за новата фабрика на Фолксваген. Има добра поврзаност со Западна Европа и евтина работна сила, дури и од соседните земји – сето ова дава јасна предност, вели Букурешт. Романскиот министер за трговија Штефан Раду Опреа потврди дека владата во Букурешт повторно започнала преговори со концернот Фолксваген, за да ја донесе инвестицијата во Романија.

VW-Zentrale Wolfsburg
Централата на Фолксваген во ВолфсбургФотографија: picture-alliance/dpa/P. Lux

Георге Фалца, пратеник од граѓанската Национално-либерална партија (ПНЛ) и поранешен градоначалник на Арад, во изјава за државната новинска агенција „Медиафакс“, ја поздрави иницијативата за можно обновување на преговорите со Фолксваген. „Локацијата во Арад веќе ги исполни условите во првата рунда преговори. Градот стави на располагање површина од 1100 хектари – и за фабриката и за добавувачите“, рече Фалца. Брза железничка врска, автопат и аеродром, како и бројните произведувачи веќе лоцирани во регионот би биле гаранција за “исклучително ниски трошоци за производство."

Како пред половина век

И Букурешт и Софија во меѓувреме објавија дека строго ќе се придржуваат до правилата на Европската Унија. Понудените субвенции нема да ги прекршуваат правилата на заедничкиот пазар. Фолксваген до сега не се изјасни за новите иницијативи од Бугарија и Романија. Инаку, Фолксваген бил заинтересиран за изградба на фабрика во тогашната комунистичка Романија во доцните 60-те години на минатиот век. Но, диктаторот Николае Чаушеску не ја прифатил ниту предложената локација од концернот – централната романска област Трансилванија, ниту пак квотата членови на германското малцинство кои би требало да бидат ангажирани. Тогаш договор за изградба на фабрика склучил Рено, француската компанија мајка на романскиот авто производител Дачиа.