1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарската православна црква доби нов поглавар

ЕМФ/кна/миа24 февруари 2013

Досегашниот митрополит русенски, Неофит, е избран за нов поглавар на Бугарската православна црква. На изборниот црковен собир за неговата кандидатира во вториот круг гласале мнозинството членови.

https://p.dw.com/p/17kuh
Фотографија: BGNES

Неофит, роден како Симеон Николов Димитров на 15 октомври 1945 година, од 1989 година беше ректор на Духовната академија во Софија, од 1991 година декан на Богословскиот факултет при Софискиот универзитет, а од 1994 година митрополит доростолски и червенски, за после поделбата на епархијата на русенска и дорастолска, да стане митрополит русенски.

Неофит на местото поглавар на БПЦ го заменува починатиот патријарх Максим, кој на чело на црквата беше 41 година. За Неофит во вториот круг гласале мнозинството членови на изборниот црковен собир. На претходниот, прв круг, Неофит добил најмногу гласови (72), а втор бил митрополитот Гаврил, со освоени 43 гласа. Третиот кандидат, митрополитот Галактон добил 22 гласа. Два круга гласање беа неопходни поради тоа што во првиот круг ниту еден од кандидатите го немал освоено потребното двотретинско мнозинство гласови.

Гаврил е единствен од тројцата кандидати за поглавар кој не соработувал со тајната служба на Бугарија во времето на комунизмот. Според една истрага на државните надлежни органи, Галактон соработувал со државната безбедност од 1981, а Неофит од 1983 година. Според извештајот објавен на почетокот на 2012 година, тајната служба регрутирала за соработка 11 митрополити, но не и Максим и уште тројца други митрополити.

Од околу 7,5 милиони Бугари, околу 80 проценти се православни, помалку од еден процент се католици, а околу 10 проценти се муслимани.