1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Бугарска негувателка во Германија тужи поради експлоатација

Луиза фон Рихтхофен
18 јули 2020

Стотици илјади жени од Источна Европа се грижат за германските сениори во нивните домови. Тие се постојано достапни, иако се платени само за неколку часа дневно. Добрина Д. покрена тужба.

https://p.dw.com/p/3fWjm
Bulgarien Dobrina D. / Altenpflegerin
Фотографија: DW/S. Kamburov

Готвење, перење, чистење, давање лекарства, купување, пеглање. Клиентот се придружува кога оди на лекар, на кафе, навечер дома. Како негувателка во Германија, Добрина Д. имаше полни раце работа. Нејзиниот работен ден беше далеку од завршен и по пораката „за добра ноќ„. Бугарката често мораше неколкупати да станува навечер за да промени пелени или да даде лекови. Добрина Д. ѝ беше постојано на располагање на 96- годишната германска старица. Всушност Бугарката живееше кај неа. „Морав да ѝ бидам 24 часа на располагање. Немаше слободни денови и немав воопшто време за мене," вели Добрина Д. Денес таа има 69 години и е вратена во Бугарија.

Сѐ уште ѝ се свежи сеќавањата на 2015 година, кога започна да се грижи за старицата во Берлин: „Мојата агенција ме прелажа“.

Според договорот со нејзината посредничка агенција од Бугарија, Добрина Д. требало да работи само шест часа на ден и за тоа да биде платена 950 евра нето.

Таа покрена тужба во Германија и доби позитивна пресуда: работодавачот мора да ѝ исплати 42.000 евра. Според првостепената судска одлука оваа сума е соодветна на достапноста од 24 часа која треба да биде наградена најмалку со минимална плата. Бугарската агенција поднесе жалба.

Bulgarien Dobrina D. / Altenpflegerin
Добрина Д. - ангажман од 24 часа дневно во ГерманијаФотографија: DW/S. Kamburov

Многумина не си ги знаат правата

Јустина Облачевич од геманското здружение на синдикати (ДГБ) е „неверојатно возбудена“ од одлуката. Со години ги советува луѓето од Полска, пред сѐ жените кои живеат во Берлин и кои според проценките се ангажирани како негувателки за околу 300.000 германски сениори. Приказни како оваа на Добрина Д. слуша речиси секојдневно. „Многу се радувам дека конечно некој се охрабри да тужи,“ вели Облачевич. Има многу причини зошто ова се случува дури сега, иако со години има поплаки. Негувателките се во Германија кратко време, целосно се преокупирани, слабо зборуваат германски и не си ги знаат правата.

Многу од нив се плашат од отказ. Гласините дека незадоволните се ставаат на еден вид „црна листа“ и никогаш повеќе нема да бидат ангажирани, им се познати на сите во браншата. ДГБ и Облачевич ја поддржаа Добрина Д. на суд. Тие се надеваат дека многумина можеби ќе го следат нејзиниот пример.

Многу работа, мала плата

Се разводнува границата меѓу работа и слободно време

Моделот на негувателки од странство ги користи моделите за разлика во примањата и испраќање работници во рамки на ЕУ. Тоа практично функционира вака: полска негувателка склучува договор со полска агенција за посредување, германско семејство со германска. Двете компании склучуваат меѓусебен договор. Негувателката доаѓа на еден или три месеци во Германија. Откако ќе се наплатат провизиите, таа заработува во просек околу 1300 евра месечно.

Повеќе:

Медицински персонал од Балкан - одличен бизнис за посредници

Германија сака да обучува негуватели во Македонија

Неизвесност за негувателите од БиХ по аферата со дипломите

Нега на стари лица- за мала плата и навреди

Јустина Облачевич агенциите за посредување ги гледа како профитери од ваквиот модел: „Тие имаат најмал ризик и најголема флексибилност.  Цехот го плаќаат негувателите кои како квази самостојно вработени се ангажирани во германските домаќинства.”

Зад четирите ѕида во фамилиите се разводнуваат границите меѓу работно време, време во кое се на повик и времето за одмор. Во разговор со ДВ повеќе жени раскажуваат дека имаат проблеми ако бараат слободно време. Ако дојде до конфликт, тие го извлекуваат подолгиот крај. Често мораат за кратко време да бараат ново место за работа.

Негувателките од источна Европа се незаменливи

Многу агенции за посредување идејата за 24-часовно негување ја содржат уште во името: Животна помош24, НегаЗаЛуѓе24, НиеСеГрижиме24. Со тоа се потхрануваат очекувања за 24-часовна грижа.

Но, агенциите ја отфрлаат вината. Фредерик Зебом од Здружението за домашна нега и грижа вели дека „Се работи за голема конкуренција и клиентите за жал очекуваат формулација со 24 во името”.

Облачевич и Зебом се согласни за тоа дека германската држава предолго се држи на страна од бизнисот со домашна нега на стари лица. А, акутниот недостиг од персонал за нега оневозможува пренасочување на амбулантна нега. Германците зависат од тоа со помош на лица од источна Европа да се грижат за старите лица, вели Фредерик Зебом. „Нема друг начин”. Тој предупредува дека големото мнозинство негуватели и онака работат без договор и не се заштитени. Јустина Облачевич воздивнува: „Ако оваа пресуда не промени ништо на условите за работа во браншата не знам како ќе биде во иднина.”

Добрина Д. процесот го следи од дома во Несебар на бугарското црноморско приморје. Таа е оптимист. „Сакам на моите колеги и на сите други да им покажам дека покрај обврски имаме и права кои треба да си ги браниме.” Со парите кои треба дополнително да ги добие сака на внуците да им овозможи добро школување за да не мора да ‘„рмбаат” како ниско платена работна сила на Запад.