1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарските проститутки на печалба во Дортмунд

Паул Тутсек-Армин Виздорф/Зоран Јордановски7 јули 2012

Десетици проститутки од Бугарија го преплавија Дортмунд минатата година. Советот на градот беше приморан да ја забрани уличната проституција, а жените наводно се вратија во својот роден крај.

https://p.dw.com/p/15Osi
Фотографија: picture alliance/dpa

Северниот дел на Дортмунд - секако не е ексклузивен дел од градот. Уште пред само една година овде (во Равенсбергер штрасе) имаше жив промет. Сега веќе неможе да се насети ништо од тоа, но во интернет уште може да се види.

Овде своите услуги ги нудеа докај 80 дами. Фраерите доаѓаа од целата Рурска област. Многу од жените беа Ромки од Бугарија.

„Доаѓаа многу - и се’ повеќе. Притисокот стана толку силен, што Советот на град Дортмунд во мај 2011 заклучи да го забрани нудењето услуги на улица овде, а и целата територија на градот беше означена како забранета зона за улична проституција“,  вели Андреа Хицке, од „Полноќна мисија Дортмунд“.

Дортмунд виа Столипиново

Жените наводно се вратија во родниот крај, во Пловдив во Бугарија. Тие се од маалото Столипиново, во кое живеат 50 илјади луѓе, главно Роми. Воопшто не мораме долго да бараме. Овде сите знаат за Дортмунд.

Наиџе таму две години се проституираше на улица. Но, веќе не можеше да издржи без своето дете и неодамна се врати во Солипиново. Сепак радо се сеќава на времето поминато во Дортмунд. „Животот во Германија беше добар. Муштериите таму подобро ме третираа отколку мојот сопствен маж овде дома. Но, постојано моравме да се криеме од полицијата, а имаше и многу тепачки меѓу жените. Штом синот малку ќе потпорасне, сакам да се вратам таму“.

Deutschland Ruhrgebiet Dortmund Dortmunder U
ДортмундФотографија: picture-alliance / dpa

Се чини дека Дортмунд уште привлекува. Ајша Гулерман, социјален работник во Столипиново, е најдобро запознаена - таа редовно ги посетува семејствата кај кои жените во моментов се во Германија или токму се вратиле од таму.

Таа воопшто не се ни обидува да ги убеди да се откажат од проституција, оти веројатно би било бесмислено. Наместо тоа, им дава совети за контрацепција и ги просветува во однос на полови болести.

Овојпат таа ја посетува Наиџе. Приказни како нејзината Ајша има често слушано - дури и во сопственото семејство. „Познавам многу жени од ова маало, кои се во Германија. Таму е и мојата снаа. Брат ми загуби многу пари на карти и потоа ја продаде жена му на еден макро. Таа е повеќе од десет години таму“, вели Гулерман.

„Дортмундски блок

Куќите од Столипиново народски се означени како „дортмундски блок“. Тоа ја одразува тажната реалност, во која некои сакаат да најдат и нешто позитивно.

„Откако доаѓаат пари од Германија, животниот стандард во Столипиново видливо се подобри. Луѓето подобро се облекуваат, имаат подобри општествени контакти во Пловдив, посетуваат добри ресторанти и патуваат како туристи“, смета Петар Петров, градоначалникот на Пловдив-исток.

Prostitution Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пријатни ресторанти не видовме, како ни претставници на пофиното друштво од Пловдив. Наместо тоа, куќи без водовод, валкани раскопани улици. Тие што живеат овде, во најголем дел се без работа, најчесто не се ни писмени.

Динамика пред шалтерот на Вестерн Јунион: мажите од Столипиново ги подигаат парите што им ги испраќаат жените од Дортмунд. Разбирливо дека им е по малку непријатно и не сакаат да бидат снимани.

За многумина во Столипиново далечната Рурска област останува главен извор на приходи. Жените ги протераа од северниот дел на Дортмунд. Но, тие сега се проституираат на друго место, дискретно и речиси невидливо.

Тоа веројатно нема да се промени, се’ додека проституирањето во Германија се чини поподносливо, отколку животот во татковината.