1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалистите ѝ ставаат крај на доминацијата на Борисов?

БГ
24 март 2017

Социјалистичката партија на Бугарија се надева дека на неделните избори ќе стави крај на повеќегодишната доминација на поранешниот премиер Бојко Борисов. Но, останува стравот дека земјата се врти од ЕУ и НАТО кон Русија.

https://p.dw.com/p/2ZsZ4
Bulgarien Präsidentschaftswahl 2. Runde Premierminister Boiko Borissow
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Troshev

Третите избори во четири години во најсиромашната земја-членка на ЕУ можат да ја претворат и националистичката Обединети патриоти во трета најсилна партија во парламентот и главен играч во идните коалициски преговори.

Анкетите засега ѝ даваат минимална предност на ГЕРБ на поранешниот пожарникар и телохранител Борисов пред Социјалистичката партија на Бугарија (БСП). Некои аналитичари велат дека на анкетите, сепак, не треба да им се верува, но се согласуват дека на многу гласачи им е доста од 57-годишниот Борисов и би можеле да го казнат на изборите.

„Секогаш има големи изненадувања на секои избори и можеби овојпат тоа ќе биде катастрофален пораз за Борисов“, вели аналитичарот Евгени Дајнов за АФП.

Борисов, беше премиер меѓу 2009 и 2013 година и повторно во периодот од 2014 до 2017 година. Во меѓупериодот, БСП владееше едвај една година.
Во обата случаи, Борисов се откажуваше пред да му заврши мандатот, првиот пат по масовните протести против сиромаштијата и корупцијата, а последниот пат во ноември минатата година.

Последната оставка се должеше на поразот на неговата кандидатка на претседателските избори, на кои победи Румен Радев со поддршка на БСП.

Тоа беше голем успех за Корнелија Нинова (48), која успеа да ја мобилизира базата на БСП како прва жена лидер на партијата.

Bulgarien Korneliya Ninova, Vorsitzende der Bulgarischen Sozialistischen Partei
Корнелија Нинова успеа да ги мобилизира гласачите на БСПФотографија: BGNES

Доколку Нинова стане премиер, тоа ја отвора можноста Бугарија натамошно да се приближи кон Русија. Нинова честопати го критикува Брисел, велејќи дека не е задоволна поради тоа што Бугарија е „второкласна членка“ и најавува вето на евентуалната одлука на ЕУ за продолжување на санкциите кон Русија.

Русија, со која Бугарија има блиски културни и економски врски, исто така е обвинета дека се обидува да го прошири своето влијание во балканските држави во последниот период.

Руски тројански коњ

„Никој не мисли дека Бугарија ќе ги напушти НАТО или ЕУ“, вели политичкиот аналитичар Антони Галабов. „Но се ризикува да станеме претставници на надворешни ставови и да станеме тројански коњ во рамките на овие организации“.

Но, и Борисов вели дека сака „попрагматични“ односи со Русија и сака да ги заживее двата планирани проекти - контроверзниот гасовод и нуклеарна централа.

Формирањето владина коалиција ќе биде тешко и за Борисов и за Нинова, затоа што се очекува дури седум други партии да добијат места во парламентот. Засега, двајцата лидери одбиваат можност да коалицираат со партијата МРФ која го претставува турското малцинство во Бугарија, а која се очекува да добие меѓу 8 и 11 проценти од гласовите. 

Brüssel Besuch Präsident Bulgarien Rumen Radev
Бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: BGNES

Тоа ќе значи можна коалиција со Обединетите патриоти, нова антиимиграциска, антиисламска коалиција која ја вклучува и ултранационалистичката Атака партија.

Уште еден потенцијален коалициски партнер е Веселин Марешки (49), шаренолик популист кој сака да биде нарекуван бугарскиот Доналд Трамп со ветување дека ќе донесе големи промени и ќе им помогне на сиромашните.

Но многу гласачи и натаму се неодлучни во широко распространетата апатија во земјата со просечна месечна плата од 500 евра и покрај децениското членство во ЕУ.

„Нема да го поддржам ни Борисов, ниту опозициските социјалисти. Не им верувам. Не верувам дека ќе исполнат какво било ветување“, вели 47-годишната учителка Цветомира Тошева од Софија.

„Побрзо би гласала за некои нови и некомпромитирани лица, за промена, со надеж дека ќе донесат нешто добро“.