1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарското МНР зачудено од реакциите во Северна Македонија

ЕМФ
21 април 2022

Министерството за надворешни работи на Бугарија е зачудено од реакциите на македонските власти и „антибугарската кампања“ околу клубот „Ванчо Михајлов“'.

https://p.dw.com/p/4AGSK
Bulgarien Sofia | Blick über die Stadt & Alexander-Newski-Kathedrale
Фотографија: Imago Images/robertharding/C. Kober

По острите реакции во Скопје на изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев во врска со Ванчо Михајлов и фашизмот, како и неговите напади за „антибугарска идеологија“ во Северна Македонија, со соопштение се јави бугарското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението на бугарското МНР, чија содржина ја пренесува БГНЕС, меѓу другото се вели дека Министерството е „зачудено од остриот став на претставниците на властите во Република Северна Македонија и антибугарската кампања во медиумите во нашата соседна земја во последните денови во врска со отворањето на клубот 'Културен центар Иван Михаилов' во Битола на 16 април 2022 година“.

„Особено загрижува фактот што се прават обиди Бугарија и бугарскиот народ неоправдано да се изедначат со фашизмот. Ширењето на тенденциозни погрешни толкувања на историјата е имено една од причините поради која имаме Договор за добрососедство и формиравме Заедничка комисија за историски прашања. Очигледна е неопходноста од постигнување вистински напредок за чувствителните теми од нашата заедничка историја“, се нагласува од бугарското МНР.

Оттаму потсетуваат дека „Културниот центар Иван Михајлов“ е регистриран согласно „локалната законска регулатива и работи од 2019 година, без досега неговото име да е предмет на видливи негативни реакции кај надлежните и јавноста во нашата соседна земја“.

Според Министерството за надворешни работи во Софија, сето тоа води до „уверување дека кампањата започната во последните неколку дена всушност не е поврзана со името, туку е насочена против активностите на организацијата, активно ангажирана околу проблемите на Бугарите во Северна Македонија и остварувањето на нивните права“.

Од бугарското МНР нагласуваат дека „бугарската држава ќе продолжи да ги прави сите неопходни напори, во согласност со меѓународното право, за поддршка и заштита на Бугарите во Северна Македонија“: „Од одговорните фактори во нашата соседна земја очекуваме конструктивен придонес во процесот за враќање на довербата и градење поволна средина за Бугарите во Северна Македонија, како и за секој кој сака да развива пријателски односи со Бугарија.“

Nord-Mazedonien Amtseinführung des neuen Staatspräsidenten Stevo Pendarovski
Бугарскиот и македонскиот претседател, Радев и Пендаровски, разменија остри зборови (архивска фотографија)Фотографија: Cabinet of the President of Republic of North Macedonia

На крајот, од Министерството за надворешни работи во Софија се порачува дека „Бугарија ќе продолжи целно да работи на градење вистински добрососедски односи, но исто така се потпира и на своите партнери во Северна Македонија“.

Остри зборови на релација Софија-Скопје

Претседателот на Бугарија, Руменд Радев, денеска изјави дека „обидите на политичарите во РСМ да изградат идентитет заснован на фалсификатите на Комунистичката интернационала, наместо на историска вистина, се против интересите на граѓаните на РСМ кои навистина сакаат членство во ЕУ“. Во врска со Ванчо Михајлов, Радев рече дека „треба да биде јасно дека Иван Михајлов е човекот кој одбил Хитлер да ја вклучи Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не Иван Михајлов, туку други луѓе, по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, убија и испратија десетици илјади во концентрациони логори, само затоа што решија да продолжат да се нарекуваат Бугари. Ете, тоа е вистински фашизам“, изјави бугарскиот претседател.

На ваквите изјави веднаш реагираше македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој потенцираше дека постојат потврдени историски факти, кои не ги спори ниту бугарската историографија, дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер:

„Во 1944 година, по инструкција на Хитлер доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава и откога не добива поддршка од локалното население рапортира назад кон неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно и само тоа е доволно да го прави фашист, нацист. Ако си следбеник на таа идеологија, ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, нацистичката идеологија за остварување на сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно би зборувале за воен злосторник, не велиме дека бил тоа, туку бил неспорно следбеник и корисник на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време“, истакна Пендаровски.

- повеќе: Е, ова е нова бугарска административна окупација

Македонскиот претседател остро реагираше на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев за концентрационите логори и ја оцени како лага за политички цели:

„Не постои ниту еден релевантен историски извор кој ќе потврди дека 10 илјади луѓе биле во концентрациони логори во Македонија во тоа време. Ниеден, ниту во бугарската, ниту во македонската, ниту во светската историографија. Нешто што може да влезе во дефиницијата на концентрациони логори во времето на поранешна Југославија постои само на Голи Оток, денешна Хрватска. На територија на Македонија никогаш немало концентрациони логори, ниту тогаш ниту денес. Бројката од 10 илјади наводно убиени е лага, гола конструкција за политички цели“, нагласи Пендаровски.