1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Будистичкото наследство на Пакистан

Маркус Тајс27 февруари 2009

Гандара е древно кралство што постоело во јужна Азија. Негов посебен белег е спојот на различни културни и религиозни влијанија. Во Бон деновиве може да се погледне изложба посветена на културната разноликост на Гандара

https://p.dw.com/p/H2Lh
Експонат на изложбата за Гандара во Бон

Првичната идеја за оваа изложба беше да се воспостави врска од Александар Велики, преку западното влијание, што е видливо во Гандара, па се’ до фигурите на Буда во Бамијан.

Културата на Гандара веројатно се’ уште би била релативно непозната, ако Талибанците во 2001 година не ги разурнаа со експлозив големите статуи на Буда во Бамијан. Меѓутоа, наместо оваа паганска култура, како што ја сметаа Талибанците, да биде избришана за сите времиња, се случи спротивното. Уништувањето на предисламските будистички споменици ја ангажира револтираната светска јавност. Во 2003 година УНЕСКО целата долина на Бамијан ја прогласи за светско културно наследство.

Buchcover: Mossé - Alexander der Große
Големиот војсководец, Александар Велики ја освоил Бангара за време на неговите походи

Со Гандара владеел и Александар Велики

Кураторот Кристијан Лучаниц, меѓутоа, вели дека во фокусот на изложбата не е политичкиот, туку културно-историскиот аспект.

„Од една страна изложбата има голем опсег и голема разновидност, а од друга се обидува и да предочи каков бил будизмот во Гандара и како се променил тој за време на процутот на Гандара“, вели Лучаниц.

Во 326 година пред нашата ера Александар Велики ја освоил персиската провинција Гандара. Само 3 години подоцна тој почина и неговото светско кралство се распадна. Сепак грчкото влијание во уметноста на Гандара е забележливо и до денес. Претставувањето на мускулести тела или коринтските столбови се добри примери за тоа. Гандара својот процут го доживеа меѓу вториот и четвртиот век од нашата ера. Светски прочуените статуи на Буда од Бамијан настанаа значително подоцна, околу 600 година. Експонатите прикажани на изложбата во Бон во најголем дел потекнуваат од денешен Пакистан. Ополномоштеникот за култура во пакистанската влада Фазал Дад Какар на отворањето на изложбата истакна дека Пакистан е сопственик на ова културно наследство. Земјата ги чува и заштитува сите овие експонати во сопствените музеи.

Повторна реконструкција на огромните статуи на Буда во Бамијан?

Но тоа не беше секогаш така, бидејќи уште првите арапски освојувачи од 7 век натаму уништија многу персиски и будистички светилишта и реликвии. Денес пакистански научници како Фазал Дад Какар се залагаат за да се зачува културното наследство. Во тоа тие добиваат подршка и од германски експерти.

Zerstörte Buddhafigur in Bamiyan in Afghanistan
Разурнатите статуи на Буда во БамијанФотографија: AP

Меѓу 300-те експонати од Гандара спаѓаат пред се’ скулптури од камен, релјефи и накит од злато. За поефектно да се прикажат овие антиквитети, архитектурата на изложбата е во стилот на будистички манастир. Врв на изложбата е екстравагантната 3Д анимација на статуите од Бамијан, кои беа уништени од Талибанците. Модерната техника овозможува некогаш најголемите статуи на Буда во светот, сега барем оптички повторно да воскреснат. Кај Кристијан Лучаниц тоа буди надеж и за многу повеќе.

„Се прави обид, а тоа е репрезентирано и на изложбата, меѓународната заедница да размисли за повторно реконструирање на статуите од Бамијан. Електронската реконструкција, е, така да се каже, последица на тие идеи. Но, на лицеместо за тоа е потребен мир во земјата и се разбира, се’ додека траат конфликтите на теренот, загрозени се и културните богатства“, вели Лучаниц.