1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Букурешкиот договор-црн ден за Македонија

15 јуни 2010

Периодот на создавање на македонскиот идентитет и постојаните негирања од страна на соседите се инспиративна тема за проучување за еден историчар, вели чешкиот професор Јан Рихлик од Карловиот Универзитет во Прага.

https://p.dw.com/p/Nqs9
Чешки поглед на македонската историја-ПрагаФотографија: AP

Во научниот опус на професор Рихлик од пред неколку години се вбројува и делото ,,Историја на Македонија“ што се смета за едно од ретките научни изданија поврзани со Македонија, издадени во Чешка. Во делото на околу 600-тини страници, професор Рихлик го опфаќа периодот од праисторијата до 2002 година. Не дозволил вели, на историјата да гледа еднострано па за време на докторските студии во Софија сакал да погледне на работите и од свој агол, а на сето тоа дополнително влијаела и една лична приказна:

,,Започнав уште во периодот на моите студии на универзитетот во Софија, каде имав колега кој доаѓаше од Австралија, Ристо Попов. Тој беше роден во Мелбурн, но неговите родители доаѓаа од Егејска Македонија, од Лерин. Имено, тој ме запозна со некои Македонци кои всушност ме воведоа во таа проблематика. Конкретно за Македонија, она што лично беше предизвик и инспирација за мене како историчар, беше создавањето на македонскиот идентитет. Бугарскиот поглед во периодот додека студирав во Софија беше поинаков и токму затоа некои работи за кои имав сознание еднострано, сакав да ги погледнам со свои очи.“

Mazedonien Skopje Flash-Galerie
Фотографија: AP

Обид да се фрли повеќе светлина

Токму од потребата за истражување на процесот на создавање на македонскиот идентитет, вели, произлегува делото ,,Историја на Македонија“

,,Сакав да укажам на тој процес на создавање на модерниот македонски народ, така како што Македонците, словенскиот народ во Македонија, постепено станува свесен дека не е ниту бугарски, ниту српски, а се идентификува со македонштината… Тоа е причината зошто оваа книга е напишана,“ објаснува професор Рихлик, издвојувајќи и неколку клучни историски датуми за Македонија:

,,Иако ги знам таквите теории, јас не сметам дека со Берлинскиот конгрес, како што имено се гледа на него, е пропуштена шансата за Македонија за стекнување на самостојност, бидејќи таквата можност била илузорна. Трагедија за Македонија е Букурешкиот мир од 1913 година, односно нејзиното разделување на три дела кои им припаднале на Бугарија, Грција и Србија… И тоа население, еве на пример конкретно во Пиринска Македонија, денеска го има примено бугарскиот идентитет. Денеска луѓето кои што живеат во Пиринска Македонија и велат: Ние сме Македонци, а не Бугари се малку… и затоа би рекол, тоа е за Македонија црн ден во историјата,“ вели професор Рихлик, кој во моментов работи на ново издание, четвртиот том од Чехословачките дипломатски документи за Македонија, а се подготвува и за скорешна посета на Скопје на промоција на неговото дело ,,Историја на Македонија“ кое од пред некој месец е издадено и на македонски.

Автор: Теодора Давчевска

Редактор: Жана Ацеска