1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Булевар на славните и во Берлин

19 септември 2010

Кога може Холивуд, зошто не и Берлин? По примерот на Американците, сега Потсдамер Плац, плоштадот во центарот на германската престолнина, им нуди на туристите на увид 40 симболи посветени на германските филмски ѕвезди.

https://p.dw.com/p/PFxQ
Режисерот Вим Вендерс и сопругата пред неговата ѕвезда на Потсдамер ПлацФотографија: picture-alliance/dpa

Токму како и Холивуд и Берлин сега има свој Булевар на ѕвезди на кој ќе бидат овековечени познати личности од светот на филмот. Берлинскиот градоначалник Клаус Воверајт на крајот на минатата недела ја пресече златната лента на променадата на Потсдамер плац.

Овој плоштад во времето на Берлинскиот ѕид, кога градот беше поделен, беше „мртва зона“, бидејќи се наоѓаше на самата граница, а денес во неговите кино сали, за време на Меѓународниот филмски фестивал популарно наречен Берлинале, на пример, се собираат најголемите светски филмски ѕвезди.

Deutschland Berlin Film Boulevard der Stars Gedenkstern Marlene Dietrich
Ѕвездата на Марлене ДитрихФотографија: AP

Ѕвезди за оние пред, но и зад камерата

Засега се поставени околу 40 плочи за имињата на славните, но места се резервирани за уште 110. За споредба, во Холивуд љубителите на филмот можат да се шетаат преку речиси 2500 поставени ѕвезди на плочникот. Во Берлин, пак, со 48 сантиметри долга ѕвезда, вклучително и натпис на германски и на англиски јазик, за почеток меѓу другите се наградени и покојните актерки Роми Шнајдер и Марлене Дитрих, режисерите Вим Вендерс, Волфганг Петерсен, како и покојниот синеаст Рајнер Мариа Фасбиндер.

Но, има и имиња кои на пошироката, па дури и на германската публика и’ се релативно непознати, како режисерот Петер Прижгод или композиторот Клаус Долдингер, бидејќи ѕвезда на овој булевар не добиваат само оние кои стојат пред, туку и зад камерата.

Магичните камери се посебна атракција

Berlin Film Boulevard der Stars
Режисерката Дорис Дери со нејзината ѕвездаФотографија: picture-alliance/dpa

Се разбира не беше едноставно да се донесе одлуката за првите 40 имиња. Ги одбра жири кое доби повеќе од 300 предлози од германските филмски и телевизиски институции. Петчленото жири, во кое беа Сента Бергер и шефот на Берлиналето Дитер Кослик, истакнува дека на нивниот избор не треба да се гледа како на ранг- листа, туку како на врамнотежена мешавина на живи и покојни, на оние од исток и од запад, мажи и жени, луѓе од филмот и од телевизијата, работници пред и зад камерата.

Најстарата личност наградена со „ѕвезда“ е Макс Складановски, изумителот кој го подготви патот за развојот на движечките слики. Најмлада е режисерката Дорис Дери, која има нешто повеќе од 50 години.

Посебна атракција претставуваат „магичните камери“, кои се инсталирани на неколку метри оддалеченост од секоја поставена ѕвезда. Оној кој ќе се погледа низ нив може да го види својот идол кој како дух лебди над сопствената ѕвезда. Дотолку повеќе, тој може и да се фотографира. А можете и да позирате кај ѕвездата, па на фотографијата нејзиниот „дух“ ќе лебди до вас.

Автор: Анете Војчик/ Симе Недевски

Редактор: Горан Чутановски