1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслига, 5-то коло: Волфсбург на чело, Баер(Л) и Баерн (М) избегнаа пораз

20 септември 2004

Баерн Минхен успеа во последен момент во Дортмунд да го избегне поразот што му се закануваше, Баер Леверкузен како да се специјализира само за големи дуели – во обичен лигашки натпревар не се издигна над просекот, Волфсбург изненадувачки на чело на табелата – тоа е кусото резиме на петтото коло на Бундеслигата.

https://p.dw.com/p/Aem7
Неочекувано на чело на табелата: тимот на Волфсбург
Неочекувано на чело на табелата: тимот на ВолфсбургФотографија: dpa

Дербито на колото во Дортмунд привлече 83 илјади гледачи, но според фудбалската содржина во добар дел разочара. Борусија беше на најдобар пат кон уверлива победа, откако со головите на Бразилецот Евертон во последните минути од првото полувреме и кон средината на вториот дел поведе со 2 спрема 0. Пресвртот уследи во драматичен финиш: одбранбениот играч Лусио, инаку бразилски репрезентативец, на две минути пред истекот на регуларното време намали, а во минутите од доигрувањето холандскиот интернационалец Макај оствари израмнување. “Имам чувство дека денеска беше пресвртна точка кон подобро. По овој натпревар секако се врати претходно начнатата самодоверба” – оцени менаџерот на Баерн Ули Хенес. Баварците со освоени осум бодови од пет натпревари го имаат најслабиот старт во првенството за последните 25 години.

Баер Леверкузен час ќе блесне, за веднаш потоа да прикаже игра под прволигашко ниво: прво убедливо го надигра Баерн, за во наредната средба да загуби од Мајнц, потоа раскошна претстава против Реал Мадрид во Лигата на шампионите, за против Нирнберг во саботата да се спасува од пораз во последните 15 минути, откако противникот поведе со 2 спрема 0. “Нам ни недостасува мудрост” – констатира тренерот Клаус Аугенталер.

Додека вниманието се насочува кон настапот на “големите”, “малиот” Волфсбург се искачи на чело на табелата со една победа од двата дуела дома, но и со стопроцентен успех на гостувањата – последниот против единствениот прволигаш од истокот на Германија, Ханза во Росток со 2 спрема 1. “Тие не играа добро и тоа сите го знаат. Но, барем се гледа дека тимот и кога не игра добро, се бори до бескрај – и тоа е пријатно”, останува реален и строг во оценката на настапот на своите играчи тренерот на Волфсбург, Белгиецот Ерик Геретс.

За да се најде Волфсбург на чело на табелата придонесе и Херта која во Берлин, во слаб натпревар, одигра нерешено 0 спрема 0 со дотогашниот лидер на табелата Штутгарт. За Херта тоа беше петто реми во петте настапи, а Штутгарт може да приговори дека е оштетен од судијата кој му поништи гол поради наводно играње со рака, што на телевизијата се покажа како погрешна процена.

По три последовни порази, официјалниот шампион и победник на Купот Вердер во Бремен го совлада Хановер со 3 спрема 0. “Имав тешки недели, но се надевам дека сега ќе тргне на подобро”, рече Мирослав Клозе, кој влезе во игра на 20-ина минути пред крајот, но за тоа време успеа да го намести вториот и да го постигне третиот гол за својот нов тим.

Со праведно реми 1 спрема 1 заврши дуелот на новите прволигаши Арминија Билефелд и Мајнц. Смената на тренерот Јуп Хајнкес во Гелзенкирхен како да го препороди Шалке: прво победа во Купот на УЕФА од 5 спрема 1 против летонскиот претставник Металург, а во саботата и успех од 3 спрема 2 во првенствениот меч против Борусија Менхенгладбах. “Два пати противникот водеше и сепак победивме. Тоа зборува за моралот, како и дека ние и натаму имаме супер тим” – оцени стрелецот на победничкиот гол, данскиот репрезентативец Ебе Санд. Бразилецот Тони Аилтон по исклучувањето пред две кола натпреварите ги следи од трибината.

Кајзерслаутерн во слаб натпревар го победи Хамбургер со 2 спрема 1. Гостите по четвртиот пораз во пет средби се наоѓаат на дното на табелата, но тренерот Клаус Топмелер и натаму ја ужива целосната поддршка од раководството. “Ова нема консеквенции за тренерот. Ние сакаме да го зачуваме мирот и натамошно да работиме на остварување на нашата цел. Составивме нов тим, на кого му треба уште време и поради тоа се обидуваме заеднички да се справиме со ситуацијата” – рече Дитмар Бајерсдорф, спортски директор на Хамбургер. Фрајбург и Бохум во вчерашнаа средба одиграа нерешено 1 спрема 1.

Волфсбург на првото место има 12 бодови, второпласираниот Вердер 9. На дното се Хамбургер со 3 и Арминија и Хановер со по два бода, но тие имаат одиграно по натпревар помалку.

Од другите настани: добар старт на Германците на Параолимпијадата во Атина

Со поддршка од трибините од сојузниот претседател Хорст Келер, германските претставници многу успешно ги започнаа натпреварите на олимпијадата за инвалидизирани лица во Атина: тие на стартот освоија 4 златни, исто толку сребрени и шест бронзени медали. “Во споредба со Сиднеј, каде стартувавме со само еден сребрен медал, ова беше извонредно” – оцени Карл Кваде, шеф на германскиот параолимписки тим со 210 спортисти. Пред 4 години во Сиднеј Германија на крајот беше 10-топласирана во конкуренција на нации.

Олимписките победници и светски рекордери Елена Изинбаева и Кенениса Бекеле се прогласени за најдобри атлетичари за 2004-та година. Признанијата им беа врачени на синоќешната гала-приредба во Монте Карло. Русинката Изинбаева годинава осум пати го подобруваше светскиот рекорд во скок со стап, додека Етиопјанецот Бекеле на олимпијадата во Атина победи на 10 илјади, а беше втор на пет илјади метри.

Израелските власти им забранија на членовите на палестинскиот тим од појасот на Газа да отпатуваат на Арапските игри што ќе се одржат од 24-ти септември до 8-ми октомври во Алжир. Ваквата постапка властите ја образложија со пропусти на Палестинците при барањето излезна виза.