1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бунт на девојките со шамии“

26 март 2011

Свинското месо и алкохолот не се целосно табу. За да се молат, муслиманите верници не мора по секоја цена да одат во џамија, а носењето шамија не е обврска. Политичарката Лале Акгун во својата книга го критикува исламот.

https://p.dw.com/p/10goC
Лале Акгун
Лале АкгунФотографија: dpa

„Во името на милосрдниот и семоќниот Господ“ на арапски, е пораката која го декорира ѕидот во трпезаријата на авторката на книгата, со потекло од Турција, и која истовремено ја подвлекува нејзината религиозна определба, верна муслиманка. Меѓутоа позната политичарка на Социјалдемокртската партија во моментов предизвикува големо внимание со нејзината книга. Во „Бунтот на девојките со шамии“ Лале Акгун го става под знак прашање конзервативното читање на коранот и сака да го трасира патот за модерен ислам без „шамии, принудни венчавки и крвна одмазда“. Свинското месо алкохолот не се целосно табу, а на муслиманите не им била безусловно потребна џамија за молитви.

Спротивставени мислења по прашањето за шамијата

Жените, кои по сопствена волја носат шамии, не треба повеќе да дозволуваат да бидат инструментализирани од мажите, бара Акгун. „Во коранот не станува збор за покривање, туку во коранот симболично се зборува за тоа дека човекот треба да се однесува морално. Човекот, значи жените и мажите мораат да се однесуаваат морално. За тоа станува збор.“

Лале Акгун
Лале АкгунФотографија: DW

Со столетија, муслиманските духовни лица спорат околу толкувањето на пишувањата за покривање на главата и телото во коранот. Авторката вели дека не е таа која ги толкува соодветните делови од коранот, туку дека го презела ставот на Бејза Билгин, позната професорка по теологија од Анкара. „Шамијата е средство за ограничување, железна завеса за главата и остатокот од жената“, пишува Акгун. На многу муслиманки им здодеа вечното оправдување, и по принцип на помал отпор, ја носат шамијата. Но, ваквата формулација наидува на голем отпор на пример кај Нурхан Сојкан, генералната секретарка во Централниот совет на муслиманите: „Јас носам шамија и не дозволувам вакви префрлувања. Ако авторката разговарала со жени кои носат шамија, тогаш би знаела дека тоа го прават по сопствено убедување и дека многу добро ја познаваат нивната религија, односно што таа им пропишува, а што не. Ниту една жена во Германија нема своеволно да стави шамија и со тоа да ги навлече врз себе проблемите врзани за шамијата, ако не е убедена во основната идеја“, вели Сојкан.

Акгун: во Западна Европа нема повеќе песочни бури

Авторката на книгата не порекнува дека во коранот станува збор за покривање, меѓутоа во времето на настанувањето, жените и мажите со шамија на главата се штителе од песочните бури на арапскиот полуостров. Пишувањето за покривањето се однесува на тоа, да се стави шамија над градите при молитвите во џамиите, појаснува Акгун повикувајќи се на Бејза Билгин. Од тоа меѓутоа не може да произлезе религиозна заповед за покривање на главата на жените.

Како политичарка на СПД, Лале Акгун е против носење на шамија во јавните установи. Но, што ако една жена сака да работи како учителка, а се повикува на читањето на коранот според „консенсуот на учените“? „Тогаш мора да ја извади шамијата“, вели Агун. Но, не само шамијата, мора да го смени и начинот на читањето на коранот, претставата за морално однесување. Дали тоа е ограничување на религиозната слобода? „2011 во Западна Европа нема повеќе песочни бури, ниту моралот се врзува за шамија. Затоа се’ што е поврзано со покривањето на жените е целосно застарено. Јас тврдам: Една муслиманка може да облече костум за капање и да се капе во море - тоа е многу муслимански“, вели Лале Акгун.

Дали ќе има „Бунт на девојките со шамии“, во што верува Акгун, ќе покаже времето. Меѓутоа религиозни интерпретации меѓу ортодоксно - конзервативните и просветените, модерни гледишта ќе продолжат и понатаму.

Автор: Улрике Хумел/ Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски