Бурата „Ксавиер“ ја парализираше германската железница

Германската железница е во вонредна состојба: бурата „Ксавиер“, во која животот го загубија седум лица, го блокираше сообраќајот. Многу патници мораа да преноќеваат во возовите.

Хаос во железничкиот сообраќај во Германија. Многу патници денеска нема да го дочекаат својот воз, или ќе бидат соочени со огромни задоцнувања. Бурата „Ксавиер“, која главно го погоди северот и североистокот на Германија, зад себе остави железнички линии кои не се проодни, соопшти изутринава портпарол на Германската железница.

Противпожарните единици имаат илјадници повици за помош. Од урнати дрвја животот го загубија седум лица.

Berlin Sturmtief Xavier Alexanderplatz

Многу патници на железницата мораа да преноќеваат во градови среде трасата по која тргнале до својата дестинација, или пак ноќта да ја минат во возовите. Железницата стави на располагање 20 т.н. хотел-возови на железничките станици во Келн, Дортмунд, Билефелд, Диселдорф, Лајпциг, Хамбург и Хановер. Околу 470 патници, кои не можеа да стигнат до хотел или до воз за преноќевање, цела ноќ минаа на станицата во Минден.

Бурата „Ксавиер“ во меѓувреме продолжи во насока на Русија.