1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бусек-мора да разговарате за проблемите

Свето Тоевски28 септември 2007

Специјалниот координатор на Пактот за стабилност се сретна со лидерот на ДУИ,Али Ахмети. Тој од гостинот побарал меѓународната заедница да притиска за етнички консензус во Македонија

https://p.dw.com/p/Bkae
Ерхард БусекФотографија: dw-tv

Спроти протестниот митинг што ќе го организира ДУИ во Скопје под мотото „Стоп за државното насилство врз граѓани, новинари и пратеници“, вчера доцна попладнето во нејзиното партиско седиште во тетовска Мала Речица дојде Ерхард Бусек, специјалниот координатор на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа на средба со лидерот Али Ахмети. Ерхард Бусек вчера одговори само на две новинарски прашања.

„Дали ќе сугерирате да се смират политичките страсти во Македонија?“ Тој рече: „Ако веќе живеете во демократија, тогаш треба да изнајдете можности да разговарате меѓу себе, да го развивате дијалогот, па и за проблемите“.

Членот на раководството на ДУИ Абдулаќим Адеми тврди: „На средбата немаше притисок да се откажеме од протестниот митинг во Скопје“.

Криза не и користи на Македонија

Тој посочи дека во Македонија треба да се одвива дијалог меѓу сите политички актери. Ерхард Бусек на прашањето како ги коментира тврдењата на одделни партии во Македонија дека во Македонија постои политичка криза, вчера рече:

„Се разбира дека тоа не е воопшто корисно за Македонија, не и е од помош. Тоа е многу тешко да се објасни надвор од земјата“.

Абдулаќим Адеми од ДУИ пренесува што му кажал неговиот партиски шеф Али Ахмети на европскиот дипломат: „Ахмети побара од меѓународната заедница не само да е присутна во регионот, туку да има поголемо влијание врз одлуките, политичките и економските. Баравме од Бусек меѓународната заедница да притиска во Македонија да има не само, политички, туку и етнички консензус“.

ПДП-апел за бојкот на митингот на ДУИ

Втората партија од албанскиот блок во владината коалиција – Партијата за демократски просперитет упати апел до припадниците на албанската етничка заедница во Македонија да се дистанцираат од протестниот митинг на ДУИ. „Дезориентираното раководство на ДУИ, жедно за власт, сака да ги стави тие протести во функција на остварувањето на своите лични интереси“ – рече портпаролот Аријанит Хоџа по вчерашната седница на поширфокиот состав на Централното претседателство: „Протестите што ги организира ДУИ се само за лични интереси на раководството. Ние апелираме да не присуствуваат таму членовите и симпатизерите на ПДП, ниту сите Албанци, оти истите протести можат да предизвикаат меѓуалбански раздори“,рече Аријанит Хоџа.